Фестивалот „Егзит“, кој годинава на Петроварадинската тврдина се одржува по 18-ти пат, синоќа го имаше најспектакуларното отворање досега, со огномет, каков што ретко се гледа.

Свеченото отворање започна во 23 часот со одбележување на 50-годишнината од „Летото на љубовта”, како што и гласи слоганот на овогодишното издание на фестивалот.

На 50-минутниот спектакл се обрати и светски познатиот хуманист Ник Вујичиќ и активисти на Стендинг рок.

Вујичиќ порача дека и покрај сите препреки во животот, луѓето мораат да веруваат во себе. Натаму, тој говореше и дека парите и сексот не се се во животот, туку најважни се љубовта и почитта кон оние што ги сакаме.

По инспиративниот говор, посетителите имаа можност да уживаат во 10-минутниот огномет проследен со музички микс.

Половина час по полноќ почна настапот на ѕвездата на вечерта Лиам ​​Галагер – поранешниот фронтмен на „Оејзис” и „Биди Ај”, кој важи за еден од најпрепознатливите британски музички ликови. Бројните негови фанови се потсетија на легендарните хитови како „Songbird” и „I’m outta time “.

Какo предгрупа настапија момците од „Обојени програм”, а потоа на сцената се појави и шкотскиот алтернативен рок бенд „Џизас енд Мери Каин”.

Веќе со години МТС арената привлекува се поголем број посетители со својата исклучиво богата и квалитетна програма која секоја година е се поспектакуларна, па тоа се потврди и со синоќешниот спектакл.