Од Скопје до Солун сега редовна линија има единствено автобуска, се укина железничката

Македонија остана без железничка линија до Солун, иако министерот за транспорт и врски Горан Сугарески уверуваше дека нема да дојде до тоа. Од вчера, поточно од први октомври е укинат меѓународниот патнички воз на релација Белград – Солун – Белград.

Тоа во договор го сториле Српската и Грчката железница, а Македонската железница (МЖ) немала можност да реагира бидејќи возот само транзитира низ земјава.

Пред неколку недели министерот за транспорт и врски Горан Сугарески при работна посета на индустриската зона Визбегово  вети дека ќе направи напори да не се реализира најавеното укинување од 1 октомври на меѓународната железничка патничка линија Белград-Солун-Белград која транизитира низ Македонија.

– „Оваа линија е од огромно значење за Република Македонија. Ќе направиме се што е во наша моќ да го надминеме некако тој проблем“, изјави министерот Сугарески.

До Солун од Скопје сега редовна линија има единствено автобуска линија на „Македонија сообраќај“, која ги редуцираше автобусите на еден дневно.