Од септември започнува изградбата на Универзалната сала

Проектирањето на конгресната сала „ Александар Македонски “ е во завршна фаза и ќе почне да се гради од септември. Новиот мултимедијален центар  ќе се простира на дополнителни 4000 м2. Капиталниот проект ќе го задржи  основниот облик на универзалната сала а ќе добие дополнителни содржини за разни манифестации. 

Со реконструкција се опфатени куполата, покривот, галериите, внатрешното уредување и поставување на целосно нова сценска технологија. Во делот на доградба ќе се градат повеќенаменски  сали и простории за билатерални средби.

-Во објектот со оваа доградба се предвидени: целосно реконструирана постојната сала со 1400 седишта, изградба на поголем број нови повеќенаменски сали со капацитет од 200 и 120 седишта, 4 нови мултимедијални сали со капацитет од 30 до 40 седишта и 6 нови простории за билатерални средби. Ќе се изврши и  доизградба  на простории за администрацијата, како и паркинг простор на две нивоа што ќе биде на површина од околу 5.000 квадратни метри, изјави Елизабета Канческа Милевска мининистерка за култура

Универзалната сала до сега ја посетиле повеќе од 7 милиони посетители на концерти и културни настани.

Постојниот  објект е со површина од околу 4.000 квадратни метри, а со новиот  се предвидува доградба на дополнителни 4.000 квадратни метри и паркинг на 2 нивоа со површина од околу 5.000 квадратни метри или за вкупно 106 паркинг места. Овој објект е изграден во 1966 година.