Од септември, нема да се примаат деца во градинка и училиште без приложен вакцинален картон

Министерството за здравство останува на ставот дека нема да се примаат деца во градинка ниту во училиште од септември без приложен вакцинален картон, велат од ресорното министерство за Фактор.

Здравствените власти во соработка со Министерството за труд и социјална политика го изменија и Правилникот за упис на деца во градинка. Сега родителите кои сакат да го запишат своето дете во предучилишна установа мора да приложат и пополнет вакцинален картон, со вакцини кои се задолжителни и предвидени според календарот.

Иако во последните шест недели е забалежан континуиран пад на бројот на ново заболени лица со морбили, според министерството нема крај на епидемијата, бидејќи престанок се прогласува откако две недели нема да има ниту еден пријавен случај на заболен од мали сипаници на територијата каде била прогласена епидемијата.

Според информациите од Иститутот за Јавно Здравје, од почетокот на епидемијата од декември минатата година заклучно со 12 јули годинава се регистрирани 1854 случаи на мали сипаници. Само минатата недела се пријавени нови 10 случаи.

Властите во екот на епидемијата започнаа и со агресивна кампања за вакцинација со МРП вакцина на деца и сите невакцинирани лица над 14 години до 60 годишна возраст кои не преболелеле мали сипаници, вработени во предучилишните установи, здравствени работници и студенти на медицина, фармација и стоматологија, како и на ученици во средните медицински училишта.

Податоците на ИЈЗ покажуваат дека досега на територија на Република Северна Македонија има вакцинирано вкупно 32.653 лица до 14 години со вакцината против мали сипаници.

На прашањето кои се најчестите причини кои ги наведуваат родителите при одбивање да ги вакцинираат своите деца, од Јавно здравје ни одговорија дека немаат официјални податоци, но преку годишните извештаи за имунизација заклучиле дека најчесто родителите ја одложувале МРП вакцината за поголема возраст на нивните деца. Исто така од Институтот најавија студија за знаењата, ставовите и практиките на родителите во однос на МРП вакцината со која ќе се дојде до дополнителни одговори поврзани со оваа прашање.