Од понеделник се укинува патничкиот воз Белград-Скопје-Солун

Патничката железничка линија Белград-Скопје-Солун од понеделник дефинитивно нема да сообраќа. И по напорите од македонска страна да се предомисли Српската железница да не ја укинува оваа линија, возовите од понеделник, па до 15 јуни следната година нема да возат.

Од Македонски железници-транспорт за Алсат М потврдуваат дека после состанокот одржан во Белград, од „Србија воз“ биле категорични дека оваа железничка линија им е неисплатлива да вози во текот на целата година.

-Дефинитивно од понеделник нема да сообраќа возот на меѓународната железничката линија Белград-Скопје-Солун. Имаме преговори и разгледуваме други опции за железничко поврзување со двете соседни земји. „Србија воз“ повторно ќе ја воспостави оваа линија од 15 јуни следната година и ќе сообраќа само за време на летната сезона, велат од македонски железници во изјава за телевизијата.

„Србија воз“ уште во јануари годинава ги известиле МЖ Транспорт дека во согласност со грчки „Tренос“, донеле одлука за укинување на линијата поради економска неисплатливост. Таквата одлука ја донеле како железнички управи од каде тргнува односно пристигнува возот, а МЖ Транспорт како транзитна железничка управа има право само да вложи приговор. Возот, според известувањето од „Србија воз“, би сообраќал сезонски во летните месеци од 15 јуни до 15 септември.