Од понеделник се очекува пад на цените на горивата

Завршува слободното формирање на цените на горивата. Од понеделник ќе стапи на сила нова методологија. Од регулаторната комисија велат дека на трговците ќе им бидат признаени помали трошци и маржи – што треба да повлече поевтинување. Сепак – остануваат на сила два фактори за формирање на цената – курсниот сооднос денар-долар и цената на нафтата на светските берзи. Сега цената ќе се формира секој понеделник.

Значаен раст на цените на нафтата е забележан во последните неколку дена, а барел во петокот стаса до 73 долари. Причината за растот е намалената понуда и загриженоста околу новиот прекин на испораката за Блискиот исток поради тензиите. Растот на цената на нафтата впрочем сега и многу повеќе треба да не засега, затоа што поскапувањето или поевтинувањето директно и најмногу влијае на формирањето на цената на дериватите кај нас.

Во петокот цената на северноморската нафта од типот брент порасна за 43 центи на 73,05 долари за барел, објави Блумберг и потстети дека „брентот“ оваа недела зајакна за дури 3 проценти.

Американската „лесна“ нафта поскапе за 60 центи и стаса до ниво од 63,47 долaри за барел. Американските санкции против Иран дополнително го намалија извозот на сурова нафта од таа земја членка на ОПЕК, што дополнително допринесе за намалување на понудата на „црното злато“.