Од наредната недела: Боемската улица ќе биде продолжена

Наредната недела ќе почне изградбата на продолжението на боемската улица, односно „Ѓорѓи Пешков“. Ќе се работи на потегот од кафеаната „Идадија“ до Градежниот факултет. Градоначалникот на Општината Центар, Андреј Жерновски вчера информира дека таа ќе биде правена по истиот принцип како и претходниот дел.


- Сакаме што побрзо да почнеме бидејќи не сакаме да им го одземеме овој пролетен период на кафеџиите со гражни активности. Проектот е завршен, како и ревизијата и набавката. Овој пешачки дел ќе се протега од „Идадија“ до Основното училиште „Kоле Неделковски“. На овој потег има повеќе кафеани и убави дрвја, така што идејата е целиот концепт да заврши со еден плоштад. Ќе се направи поврзување на двете боемски улици со подигнување на коловозот на улицата Орце Николов. Идејата е сето тоа да заврши со делот пред Општината, да се формира една пешачка зона со плоштад - потенцира Жерновски.

Градоначалникот истакна дека во овој дел целосно не може да се затвори сообраќајот, односно улицата ќе биде направена така да може да поминува само едно возило. Сообраќајот ќе биде забранет од 20 часот до полноќ, освен за возилата за дотур.

Улицата ќе биде направена во ист стил и со ист материјал како и првично изградената „Ѓорѓи Пешков“.

Првиот дел од боемската улица беше пуштен во употреба на крајот на декември 2014 година.