Следниот месец треба да се реализира изместувањето на делот од 400 киловолтниот интерконективен далекувод во близина на Неготино, што е неопходно да се направи за да може да се пушти во употреба  автопатот Демир Капија Смоквица.

За да се завршат потребните активности за изместување на далекуводот за потребите на  новиот автопат, интерконективниот далекувод што ги поврзува електропреносните системи на Македонија и на Грција, ќе биде исклучен од 11 до 26 следниот месец, што е утврдено во договор меѓу електропреносните системоператори на двете земји, односно МЕПСО и ИПТО, наведува во интервју за МИА директорот на МЕПСО Сашо Василевски.

Исклучувањето, според Василевски, нема да пречи на нормалното снабдување на граѓаните со електрична енергија, а има и алтернативно интерконективно поврзување со електропреносниот систем на Грција преку далекуводот Битола Лерин што е пуштен во употреба во 2007 година.

Според Василевски, од МЕПСО воопшто не правеле проблеми за дислокација на далекуводот. Со самиот проект за автопатот се знаело каде ќе мине трасата и било јасно дека ќе треба да се дислоцира. Многу е нејасно, истакнува, зошто навремено не е изместен далекуводот, бидејќи не требало да се чека автопатот да биде готов за употреба, па тоа да се прави.  – На автопатот како инвеститор се јавува Агенцијата за државни патишта, а изведувач е Актор со кој е склучен договор за дислокација на далекуводот. Стануваше збор околу дозволите за градба за дислокација на далекуводот, а што се однесува до МЕПСО во никој случај не правел проблеми за дислокацијата на далекуводот и во секој момент стоел и ќе стои во иднина за какви било проекти во функција на потребите на граѓаните и на државата, појаснува Василевски.

Пречка за пуштање во употреба на автопатот, покрај дислокација на далноводот, е и изградбата на контролниот центар кај Неготино, активност што, според првичните најави, треба да биде готова во јануари следната година. Станува збор за центар што ќе ги известува патниците во случај на несреќи и прекин на сообраќајот на тунелите и мостовите.

За завршување на градежните работи  за дислокацијата на далноводот и за контролниот центар Владата со анекс го продлжи договорот за изградба на автопатот до 28 февруари следната година. Како што информираа од Владата, анексот не предвидува дополнителни средства за градежните работи што треба да бидат изведени за завршување на автопатот.  Со анкесот се продолжи и времетраењето на договорот за надзор, за што ќе бидат потребни околу 850.000 евра, обезбедени во рамки на тековниот заем наменет за реализација на проектот.

Инвестицијата во автопатот во должина од 28 километри изнесува 218 милиони евра. Изградбата почна во септември 2012 година. Со него се заокружува со целосно автопатско решение Коридорот 10 на територијата на Македонија.