Денеска после многу време пак застана на Рекорд.Од кога не сум чекал 57ца ноќе. Скоро секој ден, во 12 и 14 таму, некогаш среќен некогаш нервозен, ама никогаш осамен. И плус заљубен.

Семафорите сменети, зградите со нови фасади .. нови кафичи.Си чекаш автобус. Среќни парови се бакнуваат на брзина, да не им побегне автобусот. Некој на телефон се кара, некој дреме ко мене...

Си разгледувам наоколу карши мене, театарот, тобако, Вегера, киосците на ќошот и секогаш истата мисла... Чекајки се свртев и погледнав во зградата над мене и си помислив кој ли живее во оваа зграда. Тука баш во Центар. Порано мислев дека се некои посебни луѓе, фаци.. сега знам стари луѓе или канцеларии. Кој ќе ти живее таму бе не зезај...И дур си трепнал иде автобусот...

Се собира бран од луѓе. Се качив и за среќа празно место начекав.Тргна автобусот.Лево очекуваш ФРЕШ, добиваш порта.Во мое време се знаеше, се чекаш на Стоилко или на Фреш. Дур се соземам од неа паравани насекаде.

Скоро до семафорот, се свртев лево накај Жена Парк...нови споменици.Продолжува лево еве ја цвеќарата до Национал - класика, од лево ГТЦ и оп мал шок. Не застана на РАБОТНИЧКИ. Извадени трафиките.Уф се присетив тие беа дел од мене, а можеби и дел од Скопје. На самата автобуска имаше  семкара, тарафика, сендвичара Застана малку понатаму, ама навечер ретко кој чека таму. Не само сега уште од времето избегнуваат да чекаат таму.

Стигнавме до мостот, а го одминавме Холидеј ин и трафиката. А веќе се појавуваат новите згради новаа ограда на мостот. Убави лични.

Одиме кон семафорите. И до Бит Пазар празно, ко што реков никој не чека автобус таму, ниту па се симнува. Пустелија жива... сè до Јаја Паша, а па таму спротивното. Музика, луѓе, чај, донер ... Ако, тука има некоја посебна душа градот, секогаш сум им завидувал.

57цава едвај се движи хрчи грчи, прва втора прва втора, повеќе нема. Празни улици лесно се вози. Навлеговме во Бутел. Таму мое маало, душа на место, скоро сум дома. И стигнав.

Ноќната Линија на 57ца е нешто што тера да се сеќавам на убавите спомени. Во автобусот истиот мирис скопски. Во срцево истата љубов.. Скопска!