Од денеска: Поевтинуваат услугите во Катастар, се воведува двосменско работење во повеќе институции и во градинките

Во повеќе институции од денеска се воведува двосменско работење. Царинската управа, Управата за водење на матични книги, МВР, подрачните отсеци во Секторот за управно-надзорни работи, Одделот за граѓански работи, Министерството за одбрана – одделенијата за одбрана на регион со градовите и општините во состав се институциите, први ќе почнат да работат во две смени.

Работното време во овие институции ќе биде од 7:00 до 14:30 часот и од 14:00 до 21:30 часот, а ќе се работи и првата сабота од месецот, но само во една смена од 8:00 до 16:00 часот.

Втора смена се воведува и во градинките, кои ќе згрижуваат деца до 21 часот и 30 минути. Работна ќе биде и секоја прва сабота од 8 до 16 часот.

Што се однесува до флексибилното време кое ќе се воведе, работниот ден ќе трае 8 часа со што почетокот на работното време ќе биде меѓу 7:30 и 8:30 часот, а завршувањето меѓу 15:30 и 16:30 часот. Ова работно време ќе важи и за министерствата.

Владата овие реформи ги воведува со цел да им излезе во пресрет на потребите на граѓаните.

Воедно од денеска граѓаните кои од страна на Агенцијата за катастар на недвижности се одбиени по било кој основ од денеска нема повеќе да плаќаат надомест за повторно поднесување на пријава.

Тоа значи дека од денеска се укинува плаќањето за повторно поднесување пријава во Агенцијата за катастар на недвижности.

Директорот на Катастарот Борис Тунџев по минатонеделната средба со министерот за транспорт и врски изјави дека работат на адаптирање на електронскиот шалтер којшто треба да ја овозможи реализацијата на оваа мерка.

Од Катастарот најавуваат намалување и на дел други услуги како што се надоместокот којшто граѓаните го плаќаат за запишување на одредени права, како и намалувања во сегментот на користење на податоците од Агенцијата на катастер.