Од денеска нови налепници за возилата

МВР денеска очекува да пристигнат новите налепници со кои се потврдува регистрацијата на возилата, откако во текот на јануари на возачите при регистрацијата им се издаваа стари налепници, за 2016 година, со напомена дека треба да ги залепат нив, наместо идентичните, залепени во текот на минатиот јануари.

Проблемот бил што за тендерот се чекала потврда од Советот за јавни набавки, па работите се пролонгирале.

Како што за „Мета“ изјавија од МВР, налепниците би требало да пристигнат денеска и потоа да се дистрибуираат на шалтерите на МВР во станиците за технички прегледи. МВР порачува дека не е проблем што граѓаните ќе ги управуваат своите возила со стари налепници, оти најдобриот доказ за регистрација е печатот во сообраќајната дозвола.

„Одделот за општи и заеднички работи при Министерството за внатрешни работи има склучено договор за набавка на налепници за моторни возила и очекуваме нивната испорака да биде до 1 февруари, односно до утре. И минатата година во текот на јануари имавме ваква ситуација со налепници, но тоа не претставуваше толкав голем проблем, бидејќи во сообраќајната дозвола секако има печат за регистрирано возило, па дури и лицето да нема налепници, полицискиот службеник од сообраќајна полиција може да утврди дали возилото е регистрирано или не врз основа на печатот во сообраќајната дозвола“, велат од МВР.

Од МВР уште еднаш ги уверуваат граѓаните дека не е проблем ќе имаат стари налепници, но нагласуваат дека треба да се одлепат претходните налепници и да се залепат новите, што ги добиле во текот на јануари годинава, оти тие се со други евиденциски броеви.

„Доколку на граѓаните им е дадена налепница со ново бројче за да ја залепат, треба да ја залепат“, објаснија од МВР.