Од денеска на заболекар ќе ве примат само ако имате неиздржлива болка - приватните ординации нема да работат

Министерството за здравство ги задолжи здравствените домови во целата држава да отворат стоматолошки пунктови, но само за болка што не се трпи. Посебно во Скопје ќе работат само дежурни ординации во Јане Сандански, Ѓорче Петров и Бит Пазар за пациенти со неколкудневна забоболка, акутна инфекција или пак крварења.

Приватните стоматолошки ординации нема да работат, односно периодов ги ставаат во мирување а ќе се активираат како ресурси во системот доколку има потреба. Здружението на приватни стоматолози ја поздрави Одлуката на министерот за здравство за времено прекинување на редовната работа на стоматолошките ординации поради пандемијата со COVID -19 .

„Сосема е извесно дека во доста здравствени домови постојниот број на тимови кои пружаат итна стоматолошка заштита во нормални услови нема да можат да ја извршуваат работата во ново настанатата состојба и потребата од ангажирање и на тимови од ПЗУ ќе биде неминовна. Согласно Законот, во услови на вонредна состојба министерството може да ги ангажира сите постојни кадровски потенцијали таму каде што е најпотребно. Затоа , почитувани колеги да бидеме спремни да помогнеме на Здравствените домови со својот кадар , па и со своите ординации ако за тоа добиеме налог од Министерот . Впрочем за вакви мерки и вакво приспособување на работата на стоматолошката служба, ЗПЗСУ ПДДМ се залагаше и јавно предлагаше уште пред десетина дена“, се огласија од таму.