Од денеска аплицирање за бескаматни кредити

Повикот беше објавен вчера. Поднесувањето на потребната документација, согласно владините препораки за заштита од коронавирусот, е електронски, на е-адресата: kreditiranjecovid1@mbdp.cm.mk

Средствата ќе се пласираат преку Развојната банка на Македонија. За микрофирмите со максимум 10 вработени се предвидени од 3.000 до 5.000 евра, за малите со 10 – 50 вработени од 10.000 до 15.000 евра, а за средните компании со 50 – 250 вработени од 15.000 до 30.000 евра. Каматата е нула проценти, отплатата две години, а грејс периодот изнесува шест месеци.

Првата рата ќе се исплаќа по девет месеци.

Како што соопшти вчера директорот на Развојната банка, Кире Наумов, во оваа прва фаза на финансиска помош се опфатени најпогодените сектори, а целта е да ги надминат проблемите со ликвидноста.

Поддршката со бескаматни кредити ќе продолжи и ќе се прошири на другите сектори кои дополнително ќе се утврдат.

– Развојната банка ќе продолжи со пласирање средства кон комерцијалните банки. Се обидуваме тоа да биде по извонредно ниска, можеби и нула каматна стапка. Останува комерцијалните банки и натаму да покажуваат желба за солидарност како сега и кредитите да бидат многу евтини. Она што може да го направи Владата во овој дел заедно со Развојната банка е средствата што ги пласира преку комерцијалните банки да ги пласира до нив со извонредно ниска камата, подвлече Наумов.

Владата минатата недела на прес-конференција соопшти дека ќе се обезбеди директна финансиска поддршка за задржување на ликвидноста на микро, малите и средните компании и субвенционирање на придонесите за април, мај и јуни, како дел од првиот сет мерки за справување со последиците од коронавирусот. Како што рече тогаш вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, обезбедени се 5,7 милиони евра од Развојната банка кои ќе се наменат за микро, малите и средни компании чија економска активност е погодена од КОВИД-19. Секоја компанија во зависност од бројот на вработени ќе може да добие од 3.000 до 30.000 евра.