Од чистењето на стрништата Дрисла „збогатена“ со 100 кубици отпад

Во последниве три дена, на територијата на Град Скопје се собраа пет камиони отпад со по 20 кубици отпад при чистење на стрништа. Тоа значи дека во депонијата „Дрисла“ се однесени вкупно 100 кубици отпад од стрништа.

– Се расчистуваа помали стрништа во Ѓорче Петров, булеварот „Илинден“, Железара. Се работи претежно на периферијата на Градот, додека поголемите стрништа се расчистуваа во Сарај – информираа од Град Скопје. 

Во рамките на кампањата за елиминирање на палењето на нивите и стрништата со цел намалување на загаденоста на воздухот и зачувување на плодноста на почвата, за бесплатно одлагање на отпадот од бербата што го спроведува Градот во соработка со градските јавни претпријатија, УНДП и МДЦ-Ти.нет, досега се пријавиле 38 лица.

– Во согласност со динамиката и планот на работа се расчистени околу 25 стрништа, а се очекува до крајот на оваа недела да се расчистат сите – информираа од Градот.

Првото пријавено стрниште беше исчистено во Сарај, а потоа се чистеше стрниште и во Скопската котлина. Градот Скопје е прва единица на локална самоуправа која започнува кампања за елиминирање на палењето на нивите и стрништата. Таа стартуваше на 20 август годинава.

Како што истакна, најавувајќи ја оваа кампања, скопскиот градоначалник Петре Шилегов, досега, стрништата, плевелите и другите растителни отпадоци беа палени поради тоа што на земјоделците не им беше понудена алтернатива за одлагање на отпадот од бербата, независно од тоа што палењето ја уништува плодноста на почвата и создава штетни материи кои го загадуваат воздухот и претставуваат опасност по здравјето на сите, а особено на оние што се во близина.

Тој тогаш додаде дека палењето стрништа, плевели и други растителни отпадоци ја уништува и микрофлората и фауната во обработливиот слој на почвата – она што ја прави земјата жива, плодна и самообновувачка. Исто така, нагласи дека палењето на стрништа и земјоделски површински во временски услови кога имаме високи температури, се фактор кој има голема улога во појавата на пожари, кои покрај огромната штета што ја нанесуваат на земјоделските култури, претставуваат и сериозна опасност за човечкиот живот.

Сите земјоделци од скопските општини  може да се пријават на телефонскиот број 071-395-395 и на вработените во Град Скопје да им ги остават своите податоци секој работен ден од 8 до 20 часот, а Градот по претходно утврден план и редослед, реонски, бесплатно ќе го собира растителниот отпад и ќе го одлага во Дрисла.

Градските власти апелираат по пријавувањето, со цел брзо и ефикасно отстранување на отпадот, земјоделците да го одложат отпадот од бербата на локација што ќе биде пристапна за механизацијата.

Сите земјоделци кои ќе се пријават однапред ќе знаат во кој ден од неделата ќе биде отстранет отпадот.

Шилегов тогаш укажа дека Градот ќе врши засилени инспекциски контроли на терен и соодветно ќе биде санкционирано секое палење на стрништа, плевели и на други растителни отпадоци, бидејќи земјоделците сега имаат алтернатива.

Инспекторите на Град Скопје имаат можност да снимаат со дронови, што ќе го скрати времето наменето за обиколување на земјоделските површини, а ќе даде точна локација по имотен лист за имотот на кој се пали растителен отпад.

Од градскиот инспекторат велат дека од започнувањето на кампањата досега не фатиле ниту едно лице како пали стрниште.

– Немаме ниту луѓе, ниту доволно средства да бидеме присутни секаде. Имаме двајца инспектори од кои едниот е комунален, додека другиот е за животна средина, како и еден комунален редар. Тие ќе дежураат. Инаку вкупно се 7 инспектори – изјави Мирослав Богдановски, раководител на Секторот за инспекторат на Град Скопје.

Тој додаде дека и општините се надлежни за тоа и дека нивните инспектори исто така треба да излезат на терен.– Ние минатата година фативме на лице место две лица, но тие се правдаат дека дошле да го гаснат пожарот од стрништето, а не дека го запалиле. Немаме доказ за да ги казниме. Проблемот е и во тоа што не можеме да легитимираме. Тоа може само МВР. Сметам дека проблемот ќе се реши со Законот за комунална полиција кој е во фаза на изработка. Засега ние ќе ги активираме и дроновите и ќе снимаме ненајавено – истакна Богдановски.