Во Кинотека на Македонија од 15 до 19 јуни, ќе се одржи третото издание на Филмскиот фестивал за музички документарни филмови "Скопје синема сити" во организација на граѓанското здружение "Номад-арт".

Оваа година Фестивалот му оддава почест на германскиот бенд Крафтверк, пионерите на електронската музика, со чијшто документарен филм "Поп Арт" на режисерите Ханс Росашер и Симон Витер (20 часот) ќе започне Скопје синема сити. Во 21 часот, пак, ќе биде прикажан филмот "Патешествие на електронската музика" посветен на Жан Мишел Жар, еден од најуспешните композитори на електронската музика во изминатиот век.

За време на фестивалот ќе можат да се видат музичките филмови од светот на џез, поп, рок, електронската и класичната музика.

Така пред присутните ќе бидат прикажани и британскиот филм "1959 година која го променила џезот" посветена на изданијата на Мајлс Дејвис, "Кралиците на џезот: Радоста и болката на џез-дивите", приказна за животите на едни од најголемите џез-пејачки во изминатиот век Били Холидеј, Ела Фицџералд, Нина Симон, Пеги Ли, Сара Вон и Ени Рос.

Во рамките на програмата е и филмот "Ејми Вајнхаус: Со свои зборови", кој го прикажува портретот на Ејми Вајнхаус, а се состои од интервјуа кои таа ги има дадено за Би-би-си, филмовите "Задоволството наречено Моцарт", "Френк Запа - Современиот композитор одбива да умре", "Да живее Рок" - за британскиот фотограф Мик Рок, за кој се вели дека е "Човекот кој ги сликал 70-тите" и кој работел со Дејвид Боуви, Лу Рид, Квин, Сид Берет и Пинк Флојд, Иги Поп, секс Пистолс, Токинг Хедс, Блонди и многу други, како и "Во сеќавање на Лу Рид" и "Дејвид Боуви на Би-би-си"...

Публиката ќе има можност да го види и музичкиот документарец од настапот на Дерик Меј со оркестарот Ламуру и солистот Франческо Тристано, под диригентската палка на Џијан Емин на Њеатхер Фестивал во Франција.

Фестивалот на својата програма има документарни филмови чијашто главна тема ќе биде музиката, без оглед на жанрот или годината на продукција, со цел да создаде едно богато музичко искуство и патешествие. Една од целите на фестивалот е да го прикаже богатството на денешниот музички свет, изразен преку музичките документарци.