Од 15 декември во оптек се пуштаат парите од 200 и 2.000 денари

Апоените од 200 и 2.000 денари се пуштаат во оптек на 15 декември 2016 година.

Советот на НБРМ ја усвои Одлуката за пуштање во оптек на книжни пари во апоени од 200 и 2000 денари. Утврдувањето на апоените на националната валута коишто ќе се пуштат во оптек претставува комплексен процес, а особено утврдувањето на вредносната разлика помеѓу две деноминации. Стратегиската одлука за издавање книжни пари во апоени од 200 и 2000 денари произлезе од реално согледаната потреба за ребалансирање на постоечката апоенска структура на книжните пари во оптек.

Постоечката апоенска структура на книжните пари коишто се во оптек од 8 септември 1996 година до денес нема претрпено промени и воведувањето на овие два нови апоена претставува прва промена којашто се спроведува по период од 20 години. Ваквата одлука е донесена врз основа на истражувања и анализи на сите постоечки фактори, при што се утврди дека постојат реални потреби за воведување на двата нови апоена. Воведувањето ќе овозможи зголемување на понудата на апоените коишто се на располагање при вршење готовински трансакции, а како секундарен ефект се очекува урамнотежување на побарувачката за одредени деноминации.

Со цел новите апоени соодветно да се вклучат во системот на готовинското работење и заради непречено одвивање на готовинските трансакции, нивното пуштање во оптек е предвидено за 15 декември 2016 година. Во меѓувреме, временскиот период од пристигнувањето на книжните пари до нивното пуштање во оптек ќе се искористи за едукација и запознавање со основните карактеристики и заштитни елементи на книжните пари на вработените во банките и другите финансиски институции. Исто така тоа е време во кое можат да се спроведат и активности за приспособување на софтверските модели на машините за обработка на книжните пари, банкоматите и останатите автоматизирани машини за самопослужување коишто работат со готовина, што ќе овозможи непречена циркулација на новите апоени.

Искуствата покажуваат и дека, во одредени случаи, потребно е да се елиминира некоја од деноминациите со цел структурата на деноминации да стане покомпактна. За да се донесе таква одлука, потребно е да се следат два показатела, и тоа: побарувачката за таа деноминација и временскиот период во кој таа деноминација е активна во оптек.