Од 138 палми зимата ја преживеаја само 16

Студениот скопски воздух и ниските температури што владееја зимава во заминување, го преживеаја само 16 палми. А беа набавени повеќе од илјада во текот на 2015 година, многу од нив се исушија уште незасадени.

Во Скопје беа засадени 138 палми покрај Кејот “13 Ноември”, а останатите воглавно во Гевгелија, Дојран, Преспа и Охрид, но во текот на изминативе четири години се сушеа една по една.

– Во моментот останати се уште 16 палми што се наоѓаат на Кејот на Вардар. Кога станува збор за палмите, оваа зима се потрудивме сите да останат живи – во изјава за весникот “Вечер” кажа директорот на ЈП”Паркови и зеленило”, Адриjан Муча.

Дека ваква судбина ќе ги задеси овие тропски дрвја уште тогаш предупредувале двајца дипломирани шумарски инженери од ЈП “Македонски шуми”. Тие сметале дека засадувањето палми во Скопје од типот trachycarpus fortunei е мошне ризично поради карактеристичната микро клима, т.е. температурната инверзија, поради што студен воздух и ниски температури може да се задржат подолг период. Двајцата инженери предупредиле дека според нивните сознанија, влакнестата палма може да издржи температури до -12 степени.

Целата приказна околу палмите почнува во мај 2013 година кога на седница на Влада беше задолжено ЈП “Македонски шуми” да изготви Акционен план. Со овој план било предвидено во 2013, 2014 и 2015 година да се засадат вкупно 5.550 садници олеандри (nerium oleander) и 582 садници влакнеста палма (trachycarpus fortunei). Потоа ЈП “Македонски шуми” распишува тендер за набавка на 1.100 палми што е двојно повеќе од предвидените со Акциониот план.

Инаку, садењето на палмите во Скопје се изведува во текот на јуни 2015 година. Комисиите што по еден месец по садењето излегле на терен за да видат како напредуваат палмите, констатирале дека десетина од нив не преживеале поради тоа што неколку недели се чувани во несоодветни услови, а дел биле нестручно засадени.

Од ЈП “Паркови и зеленило” велат дека оваа неуспешна приказна никогаш нема да се повтори. Оттаму планираат во соработка со Град Скопје, низ секоја зелена површина да засадат цвеќиња и дрвја коишто ќе можат да се адаптираат на климатските промени и на нашето поднебје.

– За оваа година заедно со Град Скопје планираме да садиме околу 12.000 нови садници на цела територија на градското подрачје. Сакаме да му го вратиме зеленилото на Град Скопје, и токму за тоа во моментов сме фокусирани на грижата за новите садници низ градското зеленило. Садиме нови садници и паралелно вршиме постепено интервенции на старите дрвја, во зависност од ризичноста на состојбата во која се наоѓа (колку е старо, болно, скршено, високо). Јас кога дојдов за директор затекнав 1.100 нереализирани решенија за сечење дрвја, лани исековме педесетина – вели директорот Муча.

Екипи на ЈП “Паркови и зеленило” се веќе во процес на дополнување на цветниот расад низ парковите и булеварите во градот, се вршат многу акции на расчистување на теренот, собирање лисја и отпадоци, како и закројување на дрвцата и грмушките пред да почне пролетната вегетација.

– Исто така во тек е започнувањето на два поголеми проекти за ова година, а тоа е реконструкција на Кејот на Вардар и комплетна реконструкција на Градски парк – втор дел каде што ќе се работи делумно, парцела по парцела, затоа што станува збор за голема површина и заживување на истиот – нагласи Муча.