Очевидци раскажуваат: Возачот се обиде да го изгасне пожарот во автобусот, но огнот брзо се ширеше

Двокатниот автобус со број 5 на ЈСП, кој гореше во близината на Oпштината Ѓорче Петров, се запалил пред автосервис. Возачот на автобусот за време на возењето забележал чад од горниот дел на возилото по што застанал и со ПП-апарат интервенирал, но по реакција на вработени во автосервисот, тој се тргнал настрана.

Koга го сопрел автобусот, возачот ги евакуирал сите патници што се наоѓале во него. Пожарот многу бргу се проширил по што автобусот бил целосно опфатен. Противпожарната единица на Град Скопје, која интервенирала со две возила и шест пожарникари, набргу го изгаснала пожарот.

„Патниците излегоа безбедно по што заминаа, а автобусот почна сè повеќе и повеќе да чади. Возачот се качи на вториот кат со ПП-апарат да го гаси, но со тие апарати не може многу да се направи. По тоа, почна да гори цел, но набргу дојде пожарна и почна да го гаси. На горниот кат имаше отровни гасови, мирисаше на пластика, пожарот се распространи за десетина минути. Кога почна да гори, пожарот не можеше да се запре. Најпрвин почна да излегува бел чад, подоцна почнаа да горат и каблите. Пожарната дојде по десетина минути“, вели очевидец.

Во пожарот нема повредени патници, а причинета е само материјална штета. На околните објекти има напукнати прозорци и ролетни. Неофицијално, од ЈСП велат дека причина за пожарот не е моторот или инсталацијата, туку дека постои можност некој од патниците да фрлил догорче во автобусот.