Обуки на мултидисциплинарен медицински персонал за намалување на мајчината и новореденечката смртност

Во рамки на партнерството на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА со Владата на Република Македонија за намалување на мајчината и новороденечка смртност, денеска на Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство во Скопје започнува првата двонеделна обуки на мултидисциплинирани тимови од гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за ефективна перинатална грижа на здравствени работници согласно најновите протоколи и стандарди на Светската здравствена организација.

„Пред неколку месеци, токму тука, со поддршка на Фондот за население на Обединетите нации – УНФПА, и на меѓународни консултанти на Светската здравствена организација, здравствени работници (гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки) се обучија со примена на стандарди и упатства на СЗО”, изјави на отворањето директорката на Клиниката Викторија Јовановска.

Таа додаде дека денеска токму тие обучувачи ја почнуваат првата од неколку планирани обуки што ќе се одржат во родилиштата низ Македонија, и оти придобивките од оваа обука веќе се гледаат бидејќи дел од обучувачите кои беа дел од оваа Клиника ги применуваат овие практики, коишто придонесуваат за намалување на негитивните исходи по новороденечкото здравје.

Специфичност на обуката е што ќе се работи во мултидисциплинарни тимови сочинети од три профили на здравствени работници – гинеколози/акушери, неонатолози и акушерки за да се стекнат со најновите знаења и вештини базирани на докази, а се состои од теоретски и практичен дел. Оваа обука, каде ќе учествуваат 24 медицински лица, и сите активности понатаму, имаат за цел периодот пред и околу породување да го направат побезбеден за мајката и новороденчето, односно грижата за бременоста и породувањето да се базира на еден сеопфатен пристап со акцент дека бременоста и породувањето е важно лично, семејно и социјално искуство.

Средствата за имплементација на ова партнерство се обезбедени со подеднакво учество на Владата на РМ и Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА), а е во функција на приоритетите на владата и Програмата на УНФПА во нашата држава за периодот 2016-2020.

„Обуката е една од клучните од аспект на грижата на мајката и новороденчето пред и по породувањето. Затоа таа се прави во мултидисциплинарни тимови, а најбитно е што се применуваат практиките базирани на докази“, изјави Афродита Шаља Плавјанска, програмски аналитичар за сексуално и репродуктивно здравје (СРЗ) и млади од УНФПА. Таа додаде дека по завршувањето на обуката ќе се прави мониторинг на спроведените практики.

Во рамки на овој Договор, покрај обуките, се предвидува интензивна комплементарна поддршка која ќе се состои од менторство при спроведување на стекнатите знаења од обуката а се однесуваат на перинатална грижа, адаптација и примена на протоколи, акредитација на материјали за обука кои ќе се вклучат во континуираната медицинска едукација на гинеколозите, неонатолозите и акушерките како и јакнење на свеста кај жените и нивните семејства за знаците за опасност во текот на бременоста и породувањето.