Обнова на фасадите на станбени објекти во Аеродром

Општина Аеродром објави тендер за реконструкција на фасадите на станбени објекти лоцирани на нејзината територија. Станува збор за втора фаза од проектот, откако пролетва се започна со изведбата на енергетско ефикасни фасади на седум згради.

Од општинскиот буџет за втората фаза од овој проект е проценето дека ќе се издвојат околу 20 милиони денари. Според информациите објавени на веб-страницата на Бирото за јавни набавки, рокот за реализација на претстојниот договор ќе биде 12 месеци. Од градежните компании се очекува да ги достават своите понуди до општинските власти најдоцна до 3 август.

Првата фаза од реализацијата на проектот веќе се одвива на терен. За реконструкција на фасадите на седум објекти се обезбедија 29,9 милиони денари, а градежните работи ги изведува фирмата „МИ КОМЕРЦ 2000“ од Кавадарци. За потребите на општина Аеродром, „Инком Инженеринг“ во текот на минатата година изработи проекти за обнова на фасадите на 18 објекти.

Во соработка со build.mk.