Објектите на „Борис Трајковски“ ќе мораат да имаат заден влез

Приватните-деловни објекти и стамбените куќи кои се наоѓаат на булеварот „Борис Трајковски“ во Општина Кисела Вода, ќе мораат да имаат заден влез. Ова би значело дека не смеат директно да излегуваат на булеварот. Со закон е забрането директно вклучување на булевар од приватен имот и истото би требало да се прави преку споредна улица.

Во моментов, веќе шест месеци трае реконструкција на овој булевар на потегот од фабриката „Охис“ до Пинтија. Одлуката ќе стапи на сила кога ќе биде пуштен во употреба реконструираниот дел. За пристапноста до објектите лоцирани на „Борис Трајковски“ стана збор на седницата на Град Скопје каде се расправало за потребата од изградба на сервисни улици долж булеварот и обесштетување на граѓаните врз чиј имот е проширен истиот.

Ова е трета фаза на проширување на булеварот. Во моментов се работи кај поранешната „Стакларница“ кон Пинтија, во должина од 2,2 километри. Рокот за завршување на градежните работи е 18 месеци. Поранешната „Првомајска“, е предвидено да биде 8 километри долг булевар, кој ќе им служи на повеќе 70 000 граѓани од овој дел на Скопје.