"Обид за среќна приказна" нов македонски филм

"Обид за среќна приказна" е наслов на новиот краткометражен дипломски игран филм на режисерката Лавинија Софрониевска. Авторката која е и сценарист на филмот, со оваа приказна сака да ни ја покаже разликата помеѓу сфаќањата на децата и возрасните околу концептите на љубовта, тагата и среќата.

Всушност се работи за невообичаена стилизирана драма, во која преку еден едноставен разговор помеѓу две мали девојчиња влегуваме во светот на возрасните. Нарацијата е комплетно нелинеарна и силно поврзана со визуелената естетика.

Во главните улоги настапуваат актерите Тамара Ристоска, Филип Трајковиќ, Кристина Леловац, Игор Ангелов, Матеа Јанковска, Весна Тодоровска и Јана Никодиновска.

Филмот е поддржан од Агенцијата за филм на РМ, продуцент е Факултетот за драмски уметности од Скопје, а како копродуценти се јавуваат Стримон филм и ФХ3Џ. Извршен продуцент е Ивана Шекуткоска, а директор на фотографија е Дарио Секуловски.

Оваа голема приказна, остварена благодарение на малата и вредна екипа, со љубителите на филмската уметност наскоро ќе можат да ја погледнат и на кино- екраните.