Обичаи за Богојвавление во Скопје: Прво младоженците па невестите се капеле во Вардар

Водици се празнува два дена. Првиот ден 19-ти јануари, освен Богојавление и Водици уште се вика и Војордање и Машки Водици, а вториот ден 20-ти јануари, Собир на Свети Јован Крстител уште се вика и Женски Водици.

Како што забележал Кузман Шапкарев во минатото во Скопје бил познат обичајот капење на младоженците. Првиот ден од празникот ги бањале зетовците и машките деца првенци, а вториот ден невестите и женските деца, исто така, првенци. Овој обичај се изведувал на тој начин што ги носеле на реката Вардар, а таму попот по специјален обред ги попрскувал со пејана (светена) вода. Познато е дека на првиот ден од празникот по коледица одат само мажите, а вториот ден само жените.

Денес традиционално, во Македонија во речиси сите населени места, свештениците го фрлаат ритуалниот крст во некоја поголема вода - река, езеро или базен, а луѓето скокаат во водата и се обидуваат да го фатат крстот. Се смета дека на тој ден сите води се крстени и исто така оној што ќе го најде крстот ќе биде среќен во следната година.

Овој ритуал го симболизира влегувањето на Христос во реката Јордан.