На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар македонскиот народ празнува три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.

 Според еврејските закони секое машко дете на осмиот ден од раѓањето се носело во храмот каде што било обрежувано, а притоа му било давано и име. Овој чин се сметал за воспоставување врска со Бога поради што необрежаните се сметале за неосветени и нечисти, а со тоа и отпадници од еврејскиот народ. Исус како божји син можел и да не биде обрежан, но тој не дошол на земјата за да ги негира законите туку за да ги потврдува и да служи за пример. Поради тоа светото семејство на осмиот ден од раѓањето го донесло во храмот новородениот син каде што по извршувањето на овој обред му ставиле име, онака како што им рекол ангелот при јавувањето на Света Дева Марија, Исус (еврејски збор што значи Спасител) и Христос (грчки збор што значи помазан). Во спомен на овој настан светата црква го востановила празникот Обрезание Господово на осмиот ден по Божик – денот на Христовото раѓање.

Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики познат и како Кесариски поради тоа што бил најпознат владика во градот Касарија Кападокиска. Роден е во овој град во 329 година од побожни родители, татко кој исто така се викал Василиј и мајка Емилија. Уште мал се стекнал со образование, примил свештенички чин и го учел народот на божјата наука. На големата популарност му завидувал тогашниот владика во Кесарија поради што Василиј заминал во пустина каде што останал до смртта на владиката. Потоа се вратил и бил поставен за владика, направил многу добри дела по кои црквата сеуште го споменува. Умрел на 1 јануари 389 (според некои 379) поради што црквата секоја година на овој ден го празнува споменот на неговото име. Останал како пример за позитивни човекови особини поради што црквата го нарекла Велики.

Поради совпаѓањето со празникот на Свети Василиј овој празник во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата Божја. Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија. Особено познати се некои обичаи како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско-василичари, во Битолско-бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата-џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари и тн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови сепак таа најчесто е поврзана со празникот Василица.

Важно е да се одбележи дека како ретко кој празник децата одделно од возрасните Новата Година ја пречекуваат со посебни обичаи, игри и песни кои многу се различни од оние што ги изведуваат возрасните, но се блиски до обичаите и песните што се изведуваат на Бадник. И на Василица како и на Бадник групи деца најпрвин околу заедничкиот оган, а потоа одејќи по куќите низ селото или градот, пеат пригодни песни за што добиваат подароци. И овие песни како и коледарските од Бадник немаат развиена мелодија туку се кажуваат со скандирање, со карактеристични извици на почетокот и на крајот, а и во мотивска смисла се блиски. Низ песната се искажуваат многу убави желби и благослови за родна година

Сурова, сурова година голем клас на нива,

голем грозд на лоза жолт мамул на леса,

живо здраво до година, до година до амина.

Децата носат прачки, (дренови или сливови), со кои ги удираат луѓето, особено старите и болните лица, обичај што се вика суровење, што значи и тие да се сурови како прачката односно здрави. Тоа се прави и со домашните животни особено со коњите, воловите и овците поради што домаќинот василичарите ги одведува во шталата.

Возрасните за овие прослави се подготвуваат од порано. Тие набавуваат прибор за маскирање, предмети за тропање и правење врева, како ѕвонци, клопотарци, тенеќиња, тенџериња, но и музички инструменти: гајди, кавали, тапани и сл. Со овие реквизити се создава голема врева која има цел не само да создаде весела атмосвера туку и да ги заплаши и избрка лошите духови.

Во василичарските дружини одат луѓе веселници, луѓе што знаат да се шегуваат. Обичаите што притоа ги изведуваат претставуваат вистинска народна драма со точно определени улоги на учесниците, со маскирање и други елементи присутни во фолклорниот театар.

Во Скопско овие дружини броеле 30 до 50 учесници од кои се избирале четворица „маскарџии“. Меѓу нив двајца биле „старци“, а други двајца ги играле улогите на две млади жени – невестата и орваната. Другите учесници во тајфата претставувале „деца“ или „војска“. Во играта што ја играле добриот старец го убивал лошиот, што значело дека добриот дух го убивал лошиот што од друга страна, пак требало да значи обезбедување на благостојба во куќата и богат род на земјоделските култури. Во Горноџумајско овие дружини броеле 15-20 момчиња и се викале „сурваскаре“. Еден од нив го викале мечка, друг мечкар, трет се правел невеста и бакнувал рака итн. Во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија се играла Мала и Голема Ешка. Првата ја изведувале децата, а втората возрасните. Во Дебарца (Охридско) главни актери во оваа игра биле зетот, невестата и гатачот.

Овие василичарски дружини во секоја куќа, или, ако не ги пуштале да влезат поради тоа што биле многу вулгарни, во дворот ја играле споменатата драмска игра за што добивале подароци (месо, грав, компири, зејтин и др.) од кои правеле заедничка гозба. Таму пак каде што не ќе ги дарувале правеле некоја штета најчесто кршеле нешто што ќе најделе во дворот на пр. плуг, брана, кола и сл. Се внимавало две василичарски дружини да не се сретнат зашто редовно доаѓало до тепачки што траеле се додека некој не загинел за што сведочат топонимите Василичарски гроб, Бабарски гроб и тн. што ги има низ цела Македонија.

Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семјството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.

Василичарските поворки тргнуваат на 13 јануари (с.с.) на пладне. Одделно одат горномалските и долномалските василичари. Ги минуваат сите улици одејќи надесно и застанувајќи на секоја раскрсница каде што играат. Василичарите ги посетуваат сите домови, играат ора и пеат песни по што добиваат дарови во пари или продукти. Насекаде се пее василичарската песна.

Вечерта по полноќ, околу 2 – 3 часот, откако василичарите ќе минат низ сите куќи се оди на вода на познатите Вевчански извори. Тоа е означено и со биење на камбаните. Тука се присутни сите селани сообено женскиот свет. На вода се носи литургија, котле или ѓум за вода, дрвена лажица и василичарска киска. Киската се прави од босилек, василичарка (растение со боцки) и гранки од дрен. Сите тие се поврзуваат со црвен волнен конец. На изворите попот испева молитва со што ја осветува водата. Потоа сите присутни во специјални садови земаат од водата и ја носат дома. Со оваа светена вода се попрскуваат сите простории во куќата. Со оваа вода се подготвува кашаник (тури-потпечи) во кој се става сребрена пара. Тој што ќе ја најде парата се смета за најсреќен во семејството. Киската се става над влезната врата и тука останува цела година како заштитник на куќата од разни лошотии: демони, несреќи, елементарни непогоди и сл.

На 14 јануари најпрвин се одело во црквата, а потоа низ селото. Тогаш се оди во сите домови во кои има Васил и се честита именденот. Попладне сите се собираат на средселото каде што се игра Василичарското оро. Секоја група имала свое оро, а потоа сите се обединувале во едно заедничко оро.

На 15 јануари се организирала заедничка гозба. Тогаш се броеле собраните подароци главно парите и се решавало за што ќе бидат искористени. Секогаш се користеле за некои добротворни цели, изградба на чешма, водовод, црква, училиште итн.

Очигледно е дека обичаите и верувањата поврзани со празникот Василица потекнуваат од претхристијанско време и дека нивна цел е да ги отстранат лошите демони но и да обезбедат среќа и напредок на поединецот како и на пошироката заедница, пишува порталот Македонска нација.