Ново модерно шеталиште на кејот на Вардар

Шеталиштето на левиот брег на реката Вардар, од Kамениот мост до Министерството за надворешни работи, од запуштен простор за кратко време ќе стане уредено шеталиште што ќе почне да се користи во текот на летните месеци.

Екипи ангажирани од градската власт веќе почнаа со урбано разубавување на минор и мајор-коритото на реката на овој потег. Се уредуваат патеките, зеленилото и осветлението, кои долго време не беа чепнати, што беше и причина овој дел од кејот ретко да се користи од граѓаните. Дополнително, скопјани неколку години поретко поминуваа оттаму и поради изградбата на новите објекти над левиот брег.

Паралелно со овие активности траат и градежните работи за уредување на горната платформа од кејот Димитар Влахов кај плоштадот Пресвета Богородица, каде што се подготвува шеталиште.