Ново министерство во Македонија

Во прво читање на 91-та седница, поминаа измените на Законот за Влада, со кои се предвидува трансформирање на Секретаријатот за спроведување на Рамковниот договор во ново Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците.

Пратеникот на ДУИ Ејуп Алими, на расправата за измените на законот рече дека формирањето на ова ново Министерство е неопходно и произлегува од анализата на Рамковниот договор од 2015 година.

Како што рече Алими, поддршка за формирањето ново министерство дале сите партии.

Пратеникот од ДУИ Артан Груби, се заблагодари на парламентарните партии бидејќи дале поддршка за овие законски измени, појаснувајќи ги надлежностите на новото Министерство.

Истакна оти Рамковниот договор е веќе надминат, и оти сега ќе се работи на негова имплементација.

Рече дека сите надлежности на Секретаријатот се пресликани во Министерството, но дека се додадени и нови.

Пратеникот од Партијата за Движење на Турците Енес Ибрахим истакна оти е потребно ова ново министерство, во духот на мултиетничкото општество, но посочи дека со предлог-законот не е прецизирано дали ќе се однесува на правата на помалубројните етнички заедници.

Во прво читање помина и Предлог-законот за инспекциски надзор.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, во образложението на законот рече дека со новите измени инспекторите прво ќе опоменуваат, а казните ќе бидат последна мерка.

Истакна дека инспекторите сега ќе имаат советодавна и едукативна улога, пред да преземаат репресивни мерки.

Пратеникот Самка Ибраимовски побара инспекторите да не бидат партиски послушници и да се стави крај на практиката на, како што рече, „инспектори насилници, кои бараат мито и сеат страв да затвораат фирми“.

Посочи оти на терен честопати се случува инспектори да дојдат и да кажат дека се дојдени да најдат грешка, затоа што луѓето се ставени на списокот за казнување.

Во прво читање помина и Законот за изменување и дополнување на Законот за организација и работа на органите на државната управа.

Пратениците го донесоа и Законот за ратификација на Конвенцијата на Советот на Европа за кинематографска копродукција, Законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги, како и Законот за задолжителни резерви на нафта и нафтени деривати.

Собранието ја донесе Одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во мировната операција „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

Пратениците ја изгласаа и Одлуката за испраќање припадник на АРМ за учество во мировната операција на Европската унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, како и Одлуката за испраќање на припадници на Армијата за учество во мировната операција на Организацијата на ОН „УНИФИЛ“ во Либан.