НОВО ИЗВЕСТУВАЊЕ ОД „БОШ“: И други шпорети на гас може да ви експлодираат дома

Граѓаните што имаат шпорети на гас произведени од 2006 до 2011 година на германскиот производител „Бош“ да го исклучат доводот за гас и да не го користат уредот затоа што е можно да е направен со дефект, повика повторно производителот во оглас објавен во македонските медиуми.

Во известувањето производителот ги повикува и корисниците што веќе ги провериле своите уреди, односно серискиот број на нивниот шпорет не бил во листата на оние со дефекти, повторно да направат проверка. Од Државниот пазарен инспекторат за „Дневник“ велат дека станува збор за проширување на моделите што се спорни и дека во следната недела ќе вршат контрола за тоа колку вакви уреди се увезени или продадени во Македонија.

Станува збор за два вида производи што се проблематични, а и за двата спорен е делот или спојката за поврзување на гасот. Според известувањето, во одредени околности може да дојде до неконтролирано истекување на гасот, а во некои случаи и до експлозија. Едниот производ е вградна плоча со грејачи на гас, а другиот спорен уред е самостоен шпорет на гас. Граѓаните што имаат вакви производи треба веднаш да направат проверка, а засегната е безбедноста и на тие што тоа веќе го сториле.

- Особено ги повикуваме корисниците што веќе ги провериле податоците на своите уреди и чија спојка за поврзување на гасот претходно немало потреба да биде сменета повторно да ги проверат своите уреди - стои во известувањето во кое „Бош“ нуди и бесплатна замена на спојките.

Производителот порачува апаратот да се исклучи од употреба за да не дојде до несакани последици.

Ова е второ вакво безбедносно известување во пет месеци, а ако во октомври лани како спорни беа наведени шпоретите произведени од 2009 година наваму, сега дополнително како потенцијално небезбедни се вклучени и самостојните шпорети на гас произведени од 2006 до 2011 година.

Според информации од Инспекторатот, во Македонија за една година се повлечени стотина производи што имале грешки. Станува збор за машини за садови, брусилки, полначи за телефони, батерии, кабли.

Британските медиуми деновиве пренесоа информацијата дека германскиот гигант „Бош“ алармира за потенцијална опасност од истекување, дури и експлозија кај илјадници рингли на гас. Според објавеното, се проценува дека има илјадници апарати со дефект, а само во Велика Британија имало 3.898 уреди на гас со грешка произведени помеѓу 2009 и 2011 година.