Ново игралиште во Кисела Вода, во тек и други проекти

Во општина Кисела Вода со поддршка од ценатралната и локалната власт во тек се многу активности и реализација на проекти.

Завршени се две фудбалски мултифункционални игралишта, привршува градбата и се очекува да финишира до крајот на овој месец патот кон Сопиште, патот од Пинтија кон Говрлево, а следниот месец ќе почне градбата од Сопиште до Говрлево.

Ова го истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски при посетата на повеќенаменско игралиште кај Подрачното основно училиште „Круме Кепески“ во општина Кисела Вода, додавајќи дека  во тек е исто така градбата на водоводот Патишка Река што годинава треба да се заврши, а се заврши реконструкцијата и на водоводот Света Петка.

- Овој регион од делот на Скопје, Кисела Вода, Сопиште навистина е во фаза на доста инвестиции и мене ми е мило што денеска можам да видам како децата се радуваат и го користат теренот тука, рече Груевски.

Тој додаде дека игралиштето ќе биде корисно и за градинката и училиштето кои се во близина и на кои пред година и нешто се вршеше градба и реконструкција, како и за жителите кои во попладневните часови ќе го користат до максимум.

Игралиштето е изградено со финансиски средства во висина од 9 милиони денари од Агенцијата за млади и  спорт и Владата.

Тоа, како што го информираше директорот на Агенцијата, Марјан Спасевски е едно од 268 спортски објекти кои се досега изградени и ставени во употреба во земјава, а за кои Агенцијата има издвоено над 43 милиони евра. 

Како што рече ова е четврто во Кисела Вода каде се изградени и две спортски сали од 49 милиони денари, тениско игралиште од 5,3 милиони денари, четири повеќенаменски игралишта од 34 милиони денари и едно спортско игралиште во Пинтија од 4,5 милиони денари.

Спасевски додаде дека во моментов се работи на изградба на 16 спортски објети, две спортски сали, еден затворен пливачки базен, 6 тениски терени, две повеќенамеснки игралишта во Крушево и Охрид, 3 нови спортски игралишта во Љубанци, Демир Хисар и Зелениково и две фитнес зони.

Во тек на реализација со склучени договори и во процес на добивање одобренија за градба се реконструкција на спортска сала „Гемиџии“, еден тениски терен во Струга, пет повеќенаменски игралишта во чешиново, Охрид, Гостивар, Куманово и Центар, 8 фитнес зони во Скопје, Гостивар, Струмица, Куманово, Струга, Кичево и Тетово и 2 спортски игралишта во Ложани и Црквино.

Градоначалничката на општина Кисела Вода Билјана Беличанец Алексиќ го информираше Груевски во однос на проектот за проширување на патот кон Теферич, каде е реализирана првата фаза, а се очекува да почне втората фаза за што е потпишан договор и одобрени се средствата во рамки Скопскиот плански регион, преку Министерството за локална самоуправа.

Груевски истакна дека при крај е градбата и ќе заврши веројатно до месец мај, на патот кон Сопиште од 7,5 километри со инвестиција од околу 27 милони евра, со која што Сопиште ќе добие многу добра врска кон Скопје.

Беличанец-Алексиќ истакна дека набрзо почнува реализација на патот Сопиште - Говрлево и реконструкција на улицата „Христо Татарчев“ до Сопиште и дека е завршен главниот фекален колектор до Сопиште и вториот крак на Усјански канал на кој се работи и е стигнато до булевар „Борис Трајковски“.