Ново детско игралиште и зграда со енергетски ефикасна фасада во населба Пролет

Општина Центар спроведува три значајни проекти во првата повоена населба во Скопје, населба Пролет. На местото на старото, руинирано детско игралиште поставено е ново и современо, на 115 квадратни метри површина.

Реквизитите се изработени од дрвени елементи и има куќарка, платформа, две клацкалки, две лулашки и полиетиленска лизгалка.

- За поголема безбедност на децата, како и во сите други 15 детски игралишта кои ги изградиОпштина Центар, според европските стандарди, ставена е подлога од гумени плочи со дебелина од 5 сантиметри, посочуваат од Општина Центар.

До игралиштето оставена е куќарка со стражар кој се грижи за сигурноста на граѓаните, но и за зеленилото и урбаната опрема.

Непосредно до игралиштето е зградата на улица "Цицо Поповиќ" број 4, со површина од 1.500 квадратни метри. Ова е втора зграда во населбата на која се поставува енергетски ефикасна фасада.

На средбите со градоначалникот Андреј Жерновски жителите од овие згради се пожалиле дека овие се изградени по Втората светска војна и се руинирани.

Зградата ќе го задржи автентинтичниот изглед, а со станарите е одбран новиот колорит.

- И оваа фасада ќе ја заштити зградата од надворешни влијанија, а станарите ќе плаќаат до 30 проценти пониски сметки за електрична енергија, истакуваат од Центар.

Во населба "Пролет" Општината уреди и внатрешен парк, со трева и зеленило, на површина од 6700 м2. Засадени се грмушки, 14 јавори, а поставена е нова урбана опрема.

-Интенцијата е да се продолжи со поставување на нови фасади и во другите згради, а до крајот на годината ќе се реши и проблемот со водоводот и канализацијата во ООУ "11 Октомври", додаваат од оваа општина.