НОВО ЧИСТЕЊЕ НА СПИСОKОТ: Ќе се избришат од евиденција 6.500 фирми

За десет дена Централниот регистар ќе почне постапка за бришење нови речиси 6.500 фирми од евиденцијата. Станува збор за трговци поединци или трговски друштва што на списокот за бришење се веќе една година, период во кој имаа можност да ја отстранат неправилноста поради која биле во план за згаснување. Тие, всушност, се најдоа на оваа листа затоа што заклучно со 2015 година не доставиле годишна сметка за претходната 2014 година или не поднеле пријава за упис на адреса на електронско сандаче. Но тие нема да бидат единствени затоа што Централниот регистар само во текот на 2016 година избриша од евиденцијата над 34.200 компании по истите основи – затоа што до крајот на 2014 не доставиле годишна сметка за 2013 година.

Фирмите што ќе бидат избришани од февруари годинава се од списокот што Централниот регистар ги објави на крајот на јануари лани. До 29 јануари годинава тие имаа рок од една година за некоја од нив да може да биде покрената постапка за стечај или ликвидација, било од нив самите било од доверителите. Сите што го сториле тоа нема да се избришат, а другите нема да постојат повеќе. Годинава по истекот на првиот месец ќе има и нов список на кој ќе бидат објавени уште неколку илјади фирми што до крајот на 2016 не доставиле годишна сметка за 2015 година. Не се соопштува колку точно ќе бидат, но се претпоставува дека веројатно ќе се помалку со оглед на тоа што списокот се чисти веќе неколку години, па бројот на тие што не биле активни полека се намалува. Инаку сега, на десет дена пред истекот на едногодишниот рок, се наоѓаат точно 6.438 субјекти иако лани на почетокот на годината беа запишани над 7.000. Намалувањето на бројот се должи на потегот на директорите, кои во меѓувреме или доставиле сметка, или го платиле влогот или активирале електронско сандаче за прием, ако биле на списокот за бришење по оваа основа.

Инаку од февруари до мај лани од евиденцијата се избришани 34.260 компании. Најмногу бришење имаше во април - близу 20.000 фирми. Во февруари од евиденцијата снема 5.296, во март нешто над 9.000, а во мај осум правни субјекти. Тие до крајот на 2014 не доставиле сметка за 2013 година.

Од Централниот регистар потврдуваат дека практиката покажува оти мал број фирми ги отстрануваат причините поради кои влегле во кругот за бришење. Ова е една од најголемите операции за бришење компании од регистарот. Државните листи практично беа полни со компании што постојат, но не се активни. Газдите ги основале, но бидејќи, всушност, не работат, не доставуваат ни годишна даночна сметка. Иста постапка ќе има секоја наредна година и во постапката за бришење ќе бидат ставани сите што не доставиле годишни сметки за претходната година.

Инаку, досега по сила на законот се избришани и други 4.814 фирми. Станува збор за компании што биле со непотврдени податоци во Трговскиот регистар. Избришани се и 2.884 фирми со блокирани сметки во Агенцијата за блокирани сметки. Пред почетокот на овој процес од Централниот регистар изјавуваа дека околу 20.000 компании регистрирани во нивната евиденција континуирано не доставуваат завршни сметки во предвидениот рок. Некои од нив се неактивни, односно околу 10.000 компании биле само основани, а воопшто не функционирале.