Новиот Закон за енергетика навестува дека Македонија ќе им овозможи на домаќинствата да продаваат струја – каква е праксата во Европа?

Носењето на новиот закон за енергетика на Министерството за економија декларативно навестува дека Македонија се подготвува да им овозможи на граѓаните и на домаќинствата да продаваат струја.

Во државата не постојат законски услови што би овозможиле вишокот струја од обновливи извори да биде продаден на дистрибутерот на енергија. Во новиот предлог-закон за енергетика Министерството за економија срамежливо предвидува можност граѓаните да заработуваат од продажба на струја што самите ја произведуваат. Предлог-законот сè уште не е усвоен, а подзаконските акти, меѓу кои влегуваат и клучните мрежни правила, допрва ќе се усвојуваат.

Каква е праксата во Европа?

Во Европа има над 160 илјади т.н. енергетски задруги, кои претставуваат мини заедници на граѓани и домаќинства, организирани со цел да произведуваат и да го продаваат вишокот струја. Најдобри европски примери кои успешно ја развиле идејата за заработка од дома преку вакви енергетски панели на нисконапонска струја во домаќинствата се Данска и Германија.

Според статија на „Блумберг“, Германија речиси целата енергија што ја произведува е од обновливи извори. Притоа, над 50 отсто од целата потрошувачка што користи обновливи извори на енергија ја поседуваат токму енергетските задруги и граѓаните. Данска, според пишувањата на „Гардијан“, произведува 116 отсто од државните потреби за енергија од ветерници. Притоа, во оваа земја, ветерници поседуваат над 150 илјади граѓани. Граѓаните преку енергетските задруги се сопственици на 75 отсто од сите ветерници во земјата. Во Франција стапи во сила одредбата која предвидува сите комерцијални објекти на своите покриви мора да имаат или зелени покриви или соларни системи.

Eвропската федерација на енергетски задруги, наречена „Рескуп“, е голема мрежа на енергетски задруги, која ги координира заедниците од овој вид во Европа, и тоа во Белгија, Холандија, Франција, Шпанија, Германија, Данска, Англија, Хрватска и опфаќа над 1 милион корисници. Овој начин на производство на обновлива енергија стручната јавност го нарекува зелена економија и енергија на дофат бидејќи станува збор за енергија добиена од обновливи извори, од која граѓаните може да заработуваат и да придонесуваат за развој на економијата. Од земјите од соседството најбрз напредок има Хрватска и покрај многуте законски и пазарни пречки.

Со овој системски енергетски проект овие европски држави преку законите се обрзуваат да откупат одреден процентуален минимум струја од домаќинствата преку задолжително приложување на т.н. зелени сертификати. На тој начин ја откупуваат струјата од домаќинствата и од граѓаните. Европската енергетска заедница во директивите за обновливи извори на енергија, чиј потписник е и Македонија, препорачува стимулирање вакви извори енергија кај домаќинствата.