Новиот Клинички Центар да се гради во населбата Бардовци

Владата и Министерството за здравство се уште не откриваат кога и каде ќе го градат новиот Клинички Центар.

Според извори на Сител, преовладувала идејата тој да биде во  населбата Бардовци, да изградат нов голем комплекс достапен за сите и далеку од градскиот метеж. Здравствените власти ниту ја демантираат ниту ја потврдуваат оваа информација. Во игра е и опцијата да остане на старото место на Мајка Тереза. Веќе два месеци надлежните се мислат околу конечната одлука.  Министерот Филипче најавуваше дека тоа ќе се знае до крајот на февруари, но засега ништо.

- Многу брзо и тоа ќе се знае. Во текот на оваа недела или најдоцна почетокот на наредната ќе имаме средба во Владата со премиерот и ќе одлучиме, изјави Венко Филипче, министер за здравство

Доколку надлежните ја одберат опцијата за изградба на Клинички на нова локација, тогаш, според најавите неколкукратно ќе биде зголемена инвестицијата. И периодот за градба ќе биде подолг. Архитектите, исто така предложија новиот здравствен објект да биде во Злокуќани.

Доколку, пак, остане старото решение со изградба на објетот на постојниот клинички центар и поврзување со топли ходници со дел од клиниките, тогаш ќе чини 85 милиони евра.

Во меѓувреме, додека надлежните размислуваат за локацијата на новиот објект, во тек е и постапката за повторно спојување на скопските клиники во еден објект и со еден директор како што беше во 2007 пред неговата трансформација. Засега нема подетални информации од работната група која за оваа намена ја формираше министерот за здравство.