Нови закони - загадување по старо

По повеќе од две децении откако во Македонија се поставија основите за напреден мониторинг систем за квалитетот на воздухот и истиот во континуитет пријавува надминување на дозволените рамки на аерозагаденоста во сите релевантни регистри, досега нема воспоставено ефективен механизам што реално ќе ги изолира најголемите загадувачи на животната средина, а тоа логично води кон фактот дека отсуствува каков било напредок во насока на намалување на загаденоста.

Напротив, Македонија продолжува да тоне во загадување од незнаење, неспособност и неодговорност. Единствено тука не се посочува драстично видоизменетиот возен парк, кој произлегува од една дилетантска политика на самобендисан популизам по цена на здравјето на населението. Крајно е индикативно и тоа што еколозите стануваат најгласни пред донесувањето на буџетот, а апсолутно е трагично тоа што се дозволува наивна студија на ниво на семинарски труд, да служи како темел за сите постапувања во насока на намалување на загадувањето. И уште, студија што пласира сосем погрешни резултати. Една искрена и елоквентна анализа на редакцијата на Аутомедиа.

Суспендираните честички, фамозните ПМ10, ѝ обезбедија на нашата држава врвен публицитет во светски рамки. Негативен, секако. Главни извори на загадувањето со овие честички што влегуваат во организмот и никогаш не излегуваат, со голема извесност дека ќе поттикнат канцерогена реакција: Греење на домаќинствата со удел од 36%, индустриски процеси (33%), производство на енергија (20%) и сообраќај со незначителни 2 проценти. На тоа нé учи таканаречената „финска студија“, којашто веќе со години важи како апсолутен стандард и појдовна точка за сите прашања во поглед на намалувањето на загаденоста на воздухот. За 2014 година, патем, на национално ниво. Вистина?

Вистина, колку може да биде кредибилна студија, во којашто на 18 места се спомнува „сепак“, на пет места се користи „веројатно“, а честопати се вршат и „претпоставки“, и како врв, дванаесетпати се прави „пресметка“? Нашата редакција уште од своите први објави на тема аерозагаденост и влијание на возниот парк во 2013 година, посочува во контиуитет на фундаменталната грешка во сите тие веројатности, претпоставки, пресметки и какви било други обиди во студијата, да се најдат објаснувања за суштината на проблематиката. Автомобилите, господо автори на студијата, не испуштаат штетни материи во таа мера што ќе ја прочитате во фабричките каталози и брошури.

Нема постигнато напредок во намалувањето на аерозагаденоста, затоа што се поаѓа од погрешна основа; На автомобилите во студиите им се придава ниво на емисија на штетни материи какво што се наведува во каталозите и продажните брошури од производителите на автомобили

Претходно посочените удели на одделните извори на загадување со ПМ, меѓу кои и автомобилските безначајни два проценти, произлегуваат од таканаречениот метод на позитивна матрица на факторизација. Тоа звучи многу „латински“, зар не? Според тоа, мора да е точно. Во секој случај е неопходна експертиза, за истиот да може да се оспорува. Но, како навистина е дојдено до вредностите што нé држат хронично „загадени“? Едноставно, се отчитува вредноста на одредена загадувачка супстанца. Потоа, со примена на формула, во којашто одделно се внесуваат познати или очекувани (!) вредности на емисијата на штетни материи од детектираните извори, се добиваат резултати за уделот на секој одделен извор на загадување во вкупната емисија на штетни материи, односно во вкупното ниво на загаденост на воздухот. Значи, ако се внесе дека автомобилот троши два литри гориво, тој „автоматски“ не загадува. А, реално, троши десет литри и испушта штетни материи како за триесет.

повеќе на: automedia.mk/