Нови правила за кладилниците и коцакрниците во Македонија

Министерство за финансии подготвува предлог на закон за изменување и дополнување на законот за игрите на среќа и за забавните игри.

Во образложението се вели дека во автомат клубовите се поставуваат автомати кои се постари од 15 години и дека на приредувачите на игри на среќа никој не им гарантира за исправноста и функционалноста на увезените автомати.

„Исто така и учесниците во игрите на среќа играат на застарени и амортизирани автомати, наместо на автомати не постари од една година. Согласно постојното законско решение, приредувачите на игри на среќа во автомат клуб, со добивањето на една лиценца за автомат клуб имаат можност да отворат неограничен број на деловни простории.

Ваквиот начин на отворање на деловните простории за приредување на игри на среќа на автомати, има позитивни ефекти само за приредувачите, на кои им се овозможува со плаќање на надоместок само за една лиценца да отворат голем број на деловни простории, а негативни ефекти врз Буџетот на Република Македонија заради помалку остварените приходи по овој основ.

Со овој предлог закон кај приредувачите на игрите на среќа во автомат клуб се враќа лиценцирањето на секоја деловна просторија, а кај приредувачите на игрите на среќа во обложувалница се предлага со една издадена лиценца од страна на Владата на Република Македонија да можат да се отворат 50 уплатни места и банкарска гаранција односно депозит од 500.000 евра“, пишува во образложението.