Нови македонски кратки филмови на Скопје филм фестивал

Во рамките на годинешната програма Македонска продукција, освен премиерата на новиот игран филм „Ах љубов моја“ по сценарио и режија на Коле Ангеловски, ќе бидат прикажани и два краткометражни македонски играни филмови.

Станува збор за  „Ќе дојдат децата“ во режија на Ана Јакимска, со Наташа Петровиќ и Шенка Колозова во главните улоги и „Чевли“ во режија на Бранко Костески, со Благој Веселинов, Григор Јовановски, Диме Илиев, Ана Костовска и Роберт Ристов во главните улоги.

Премиерите на двата краткометражни филмови ќе се одржат утревечер во кино „Фросина“ во 20.30 часот. На проекциите ќе присуствуваат и авторите и филмските екипи.

Во Кинотеката на Македонија, во среда, со почеток од 21 часот, публиката на фестивалот ќе може да ја проследи и програмата Кратки филмови, годинава насловена како „Пак да го направиме сексот супер“, во чии рамки ќе бидат прикажани 12 краткометражни филмови: „Пастув“, „Митјуб2 Август ја пее Кармина Бурана“, „Цвеќе и задници“, „Црвојадина“, „Не сакам да спијам со тебе,сакам само да ти се дигне“, „Како ти е простатата?“, „Вагините имаат моќ“, „Гринго од зелениот екран“, „6А“, „Светски воен куп“, „Десетметарска скокалница“ и „Комисија“.