Нови лекови за болните од рак во Македонија

По 10 годишна борба со властите, пациентите болни од карцином добија нови типови лекарства. Станува збор за шест нови лекови кои досега не биле достапни во земјава, и тоа за болни од рак на дојка, за бели дробови, за дебело црево и за рак на црн дроб. Од Алијансата на здруженија на пациенти велат дека ова е историски чекор во нивната борба за продолжување на животниот век на пациентите кај кои е дијагностициран карцином.

„Значи многу за пациентите со оглед на тоа што знаеме дека Македонија според последните податоци е на второ место по смртност во Европа од малигдни заболувања. Ова ќе значи еден исчекор, да можеме да им го продолжиме животот на овие пациенти и да можеме да го спасиме животот на нашите граѓани.“ – изјави Биба Додева, Алијанса на пациенти.

Од Фондот за здравствено осигурување кој ќе ги набави овие лекарства велат дека се работи за најсовремена медицинска терапија која ќе ја добијат пациентите за кои ќе се утврди дека таа терапија делува.

„ Фондот нема да запира тука, во иднина ќе се зголеми бројот на лекови. Треба да се истакне уште еднаш, ова се лекови од првата линија кои досега ги немало во здравството.“ – изјави Орхан Рамадани, директор на ФЗОМ

Нов лек ќе биде набавен и на Клиниката за хематологија и за болните од Хепатит Ц на Инфективната клиника, со што пациентите ќе добијат можност да се излечат од ова заболување. За новите лекови, Фондот за здравство и Министерството за здравство издвоија два милиони евра. На ова реагираа од СДСМ велејќи дека да мислеа Никола Тодоров и Никола Груевски на болните од рак ќе ги донесеа лековите уште пред десет години, но дека за нив се поважни гипс картоните од 630 милиони евра за Скопје 2014.