Нови фасади за 35 градски објекти - Музејот на Град Скопје, Зоолошката градина...

Според тригодишниот план на Град Скопје, во наредните две години енергетско-ефикасни ќе станат вкупно 35 градски објекти, поточно 21 средно училиште, библиотеките, Музејот на Град Скопје, Зоолошката градина, Детскиот културен центар „Kарпош“ и други. Планот се однесува на периодот од 2015 до 2017 година.

Мерките што ќе се применат врз 35-те објекти кои се под надлежност на Град Скопје се однесуваат не само на реконструкција на фасадите, туку и на замена на старите врати и прозорците, инсталирање автоматски затворачи на вратите, едуцирање на корисниците на објектите, поставување изолација на надворешните ѕидови, особено на покривите, како и на подовите, замена на старите светилки, инсталирање сензори за светло во просториите што не се користат често, како и сензори за синхронизација со природна светлина.

Мотивот за реализација на програмата се сметките за потрошена топлинска и електрична енергија за годините 2012, 2013 и 2014. Очекувањата се тие да се намалат за една третина по воведувањето на новите мерки и материјали. Барем така зборува досегашното искуство со веќе реконструираните објекти.

Освен гасификација, во тригодишниот план за енергетска ефикасност на јавните објекти се предвидени и вложувања во термофасади. Така лани локалните власти го реализираа и проектот за обнова на фасадата на СУГС „Орце Николов“, по пат на кофинансирање со финансиска поддршка од УНДП.

Проекти за гасификација се изработени за средните училишта „Панче Kараѓозов“, „Владо Тасевски“, „Марија Kири Склодовска“, „8 Септември“, „Боро Петрушевски“, „Панче Арсовски“ и „Цветан Димов“ и чинеа вкупно 1,3 милион денари.

За навремено, брзо и ефикасно лоцирање на недостатоците што може да се јават во еден објект од енергетски аспект, минатата година Градот набави термовизиска камера.