Нови фасади на седум најоштетени објекти во Аеродром (фото)

Градоначалникот на Општина Аеродром, Ивица Коневски денеска, изврши увид во реконструкцијата на фасадите на најоштетени станбени објекти на територијата на Општина Аеродром, што почна неодамна.

„Минатата година изработивме проекти за реконструкција на 18 фасади, од кои во оваа прва фаза ќе бидат опфатени 7, за кои се обезбедени средства од Буџетот на Општина Аеродром во вредност од 30 милиони денари“, изјави градоначалникот Коневски.

Станува збор за станбените згради на ул. Петар Ацев број 9, ул. Фрањо Клуз број 2, ул. 23 Октомври број 14 и бул. АСНОМ број 72 и 74 во Ново Лисиче (односно по ново број 188 и 190) и 112 и 114 во населбата Јане Сандански, односно во сите населби во Општината, а фирмата која е задолжена за изведба на реконструкцијата е Ми Комерц 2000 Златко Дооел.

Исто така, Општина Аеродром и во иднина континуирано секоја година ќе менува по 10-на фасади, така што планот е за неколку години сите фасади на станбените згради што се оштетени да се реконструираат.

Новите фасади не само што ќе го разубават ликот на Општината, туку ќе бидат и енергетски ефикасни, што значи дека се во функција на заштита на животната средина. Со тоа ќе се намалат трошоците на граѓаните за електрична енергија.

Државниот секретар во Министерството за животна средина и просторно планирање, Соња Лепиткова, го поздрави овој проект и го оцени како „многу важен за заштита на животната средина и за заштеда на буџетите на граѓаните за загревање, бидејќи околу 50 проценти од топлината се губи во зградите со стара градба“.

Градоначалникот Коневски на крајот апелираше до граѓаните што живеат во зградите, кои ќе се реконструираат во наредните фази, ако имаат можност дотогаш да ги заменат прозорците. На тој начин ќе се спречи оштетување на новите фасади по нивната реконструкција.