Општинарите од Карпош размислуваат комплетно да го подноват изгледот на ТЦ „Лептокарија“. Идејата им е да ги освежат фасадите на зградите, да ги реконструираат покривите, унифицираат излозите на дуќаните, како и да обезбедат дополнителен број паркинг-места. За таа цел, Општината ќе распише јавен повик, па врз основа на доставените понуди, идејни решенија, ќе изработи конечен проект. 

„Како сето тоа ќе изгледа и кога ќе се реализира, зависи пред се' од доставените идејни решенија. Од доставените предлози и нашите замисли ќе се изготви конечно решение, проект. Сакаме да се освежат фасадите на постојните згради, дуќаните, нивните излози да имаат унифицирани излози и тенди, а многу ни е битно и идејното решение за дополнителниот паркинг, кој сакаме да биде подземен, односно под постојниот“, појаснува градоначалникот Стевчо Јакимовски.

Вели, неблагодарно е да прецизира со рокови, но се надева дека до пролет ќе биде избрано идејното решение, односно изработен потребниот проект за изведба. Проценето е дека за реализација на сите замисли, од општинскиот буџет ќе се потрошат околу 3 милиони евра. Сепак, сите детали ќе се знаат по изработка на проектите кои ќе покажат каде и како ќе се интервенира, дали ќе треба да се менуваат и покривите на сите згради, евентуално, лифтовите и слично. Од Општината велат дека идејата за поднова на ТЦ „Лептокарија“ не е дел од тековната акција за менување фасади на згради на подрачјето на Карпош. Во овој случај ќе стане збор за проект за комплетна обнова, освежување на цел еден комплекс.

„‘Лептокарија‘, всушност, е центар на нашата Општина и сметаме дека по постоење од речиси три децении, време е да се реконструира целиот реон“, вели Јакимовски.