Нови договори или збогум за четворица Вардарци?

Македонскиот првак Вардар има пракса во паузата од сезоната да донесе одлука на кои играчи да им се заблагодари за досегашната соработка и да им даде до знаење да си бараат нов клуб или, пак, да понуди нови договори. 

Засега е сигурно дека Алекс Душебаев заминува од тимот во јуни, а договорните обврски им завршуваат и на Игор Карачиќ, Даниел Шишкарев, Петар Ангелов и Илија Абутовиќ. Вуко Борозан, пак, има договор на една година, со можност за продолжување на истиот во зависност од задоволството на двете страни. Со оглед на тоа дека во моментов се сумираат впечатоците од полусезоната, информациите од Вардаровиот табор велат дека по овие прашање ќе се разговара во јануари, по враќањето на играчите на клупските обврски.

Единственото потврдено освежување на шампионските редови за следната сезона е доаѓањето на десниот бек Даинис Кристопанс, а во моментов е непознато дали Вардар ќе има свои скаути на Светското првенство во Франција. Колку за потсетување, на претходното во Доха „црвено-црните“ ги ангажираа Александар Деревен и Хорхе Македа.