Новата зграда на ЕЛЕМ е готова!

До крајот на јуни целосно ќе биде готова новата административна зграда на АД ЕЛЕМ, инвестиција од 15 милиони евра. Објектот е на осум ката и се простира на површина од 10.000 метри квадратни. Има и подземен паркинг на три нивоа со 200 паркинг места, најави денеска генералниот директор на компанијата Христијан Мицкоски.

Како што информира Мицкоски, при увидот во градежните активности заедно со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, 99 отсто од зградата е веќе готова, испитани се сите инсталации и останува само да се завршат некои помали гипсарски и молерски работи. Во меѓувреме во фаза на изработка е и мебелот кој треба да е готов до крајот на јуни и да се монтира новонабавениот систем за интегрирано управување SCADA по што ќе следи селење на околу 500 вработени од компанијата во новиот објект.

- Во новиот објект ќе се сместат и врботените од ЕЛЕМ Турс и ХЕС Треска кои сега се во изнајмени објекти за кои годишно плаќаме по 200.000 евра кирија - рече Мицкоски.

Информираше дека согласно законските обврски доставиле Извештај до Регулаторната комисија за работењето во минатата година и предвидувања за идната и оти нема да бараат зголемување на цената на електричната енергија.

Груевски при посетата се информираше за проектите кои АД ЕЛЕМ ги спроведува и за нивните идни планови.

За изградбата на хидроцентралите Чебрен и Галиште, како што кажа Мицкоски, во моментов трае втората фаза од изборот на ново техничко решение за изведба.

- Очекувам до крајот на јули да добиеме конкретен предлог и веќе на есен може да се објави третата фаза и да бараме конкретен инвеститор - рече Мицкоски и додаде дека констултант за овој проект е реномирана германска компанија.

Информира дека во делчевско-пехчевскиот регион почната е процедура за изградба на рудник за јаглен и термоелектрана.

- Идејата е таму да се отвори рудник и да се изгради термоелектрана во која би се произведувало една третина од она што се произведува во РЕК Битола. Инвестицијата е во висина од 200 милиони евра, и ќе овозможи преку 1.000 нови директни вработувања во делчевско-пехчевскиот регион, а градбата би започнала за две години од сега - посочи Мицкоски.

Најави дека ЕЛЕМ има сериозна намера да го обнови централното затоплување во Македонска Каменица и таму да произведува електрична и топлотна енергија.

За РЕК Битола истакна дека првпат ќе добие сопствена механизација и нема да користи повеќе надворешни компании за ископ на јаловина и јаглен.

- АД Електрани на Македонија нема да се задолжи за да го заврши овој проект, туку ќе го направи од сопствени средства со заштедите кои ги генерираше во минатото. Тоа ќе значи намалување на специфичната производна цена на електрична енергија, а на долг рок ќе значи намалување на цената на електричната енергија за граѓаните - истакна Мицкоски.