Новак Ѓоковиќ ќе игра егзибициски мечеви во Скопје

Најдобриот тенисер во светот - Новак Ѓоковиќ планира да игра егзибициски натпревари низ градовите од поранешните републики на Југославија. Тој почна да зборува за вакви средби за време на Вимблдон, каде што има голем број тенисери од неколку земји, меѓу кои доминираат Србите и Хрватите.

- Јас сум југоносталгичар иако немам живеено во Југославија. И покрај тоа, чувствувам поврзаност бидејќи имам семејство во Србија, Хрватска и во Црна Гора. Со ниту еден тенисер од поранешна Југославија никогаш не сум имал проблем, а секогаш кога сме отворале чувствителни теми сите се слагавме дека војната не донесе добро за никого - изјави Ѓоковиќ.

Целта е да се играат натпревари во сите главни градови од шесте републики, па останува да се види кога ќе дојде до реализација. Има некои тенисери кои сакаат тоа да биде направено уште оваа година, но поголема е веројатноста тоа да се случи во текот на следната 2017 година.