Нова услуга: Бесконтактно плаќање на јавните паркиралишта

Јавното претпријатие "Градски паркинг" распиша оглас за набавка на картички за бесконтактно плаќање на услугата паркирање. Со новите картички ќе може да се плаќа на јавните паркиралишта од затворен тип со кои стопанисува ЈП "Градски паркинг".

На паркинзите од затворен тип на "Градски паркинг" сега за услугата може да се плати само во готово.

ЈП "Градски паркинг" стопанисува со 12 паркиралишта од затворен тип, на кои има вкупно 1.782 паркинг-места, од кои 22 се за лица со посебни потреби. Во надлежност на претпријатието се и катните гаражи "Македонска фаланга", на местото на стариот Цветен пазар, во близина на Музејот на Град Скопје и "Тодор Александров" на улицата "Даме Груев", во близина на полициската станица Центар. Во "Македонска фаланга" има 445 паркинг - места, од кои 17 се за лица со посебни потреби, а во "Тодор Александров" има 605 паркинг-места за коли и 120 паркинг-места за велосипеди.