Нова урбана опрема за новиот мини-плоштад во Центар

На пјацетата на улицата Наум Наумовски-Борче и по должината на улицата која е реконструирана, до спојот со улицата Ленинова, поставена е нова урбана опрема: торзиона клупа, 4 клупи без наслон, 10 рамки – држачи за велосипеди и две канти за отпадоци – лотус. Со ова, се комплетира изгледот на новиот мини-плоштад, каде што беа поставени две големи жардинери со зеленило.

Мини-плоштадот е на површина од 400 м2, поплочен со павер елементи и природен гранит. Во првата фаза од реконструкцијата на улицата Наум Наумовски-Борче беше реконструиран водоводот, во должина од 100 метри и за прв пат на оваа улица се постави атмосферска канализација.

Дупките и уништениот асфалт кои го оневозможуваа нормалното и безбедно одвивање на сообраќајот, на што реагираа граѓаните, е заменет со квалитетни павер елементи, во црна боја. Изедначено е нивото на тротоарот со рабници, а од едната страна на улицата поставен е композитен канал за одводнување.

И овој проект е дел од акцијата „Нова пролет, нова офанзива“ на Општина Центар.