Нова мобилна апликација за промоција на Старата скопска чаршија

Бесплатната апликација Skopje Gems „Скапоцените камења на Старата скопска чаршија“ беше промовирана викендов во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите на Македонија, во рамки на одбележувањето на Меѓународниот ден на музеите.

Преку мобилната апликација на посетителите им се нудат седум туристички рути низ чаршијата и водич до врата на сопствениците на продавниците со стари занаети, вкусна храна, како и до музеите, религиските обележја и историските места во стариот град.

Со апликацијата се овозможува мапирање на локации и развој на тури за туристите. Таа содржи видео и аудио содржини, фотографии и текстови достапни на 10 јазици. Корисниците може да изберат седум тури и повеќе од 80 локации од нивен интерес.

Апликацијата е бесплатна преку „Ап стор“ (App Store) и „Плеј стор“ (Play Store) и ќе биде широко промовирана почнувајќи од скопскиот аеродром преку хотели, туристички инфоцентар, агенции, барови и ресторани, како и преку интернет и преку социјални медиуми.

Skopje Gems беше подготвена во рамки на проектот „Скриените богатства на Старата скопска чаршија“, имплементиран од страна на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) од Скопје. Финансиите се обезбедени со грант на Проектот за развој и промоција на туризмот на Регионалниот совет за соработка (РСС) од Европската Унија.