Нова мерка за справување со загадувањето на воздухот: Пријавете оган на отворено на телефонскиот број 193

Граѓаните од денеска на бесплатната телефонска линија 193 деноноќно може да пријавуваат огнови кои што горат на отворено и придонесуваат за загадување на воздухот. Оваа активност, која е дел од краткорочните мерки на Градот Скопје за справување со загадувањето, пред граѓаните ја претстави градоначалникот Петре Шилегов.

- Палењето огнови на отворено е законски забрането. Најчесто, тоа е последица на несовесноста на одредени граѓани, но тоа често е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно сместување. Одговорно пристапуваме на ваквиот проблем. Подаваме рака на сите сограѓани. Сите заедно можеме да го спречиме палењето огнови на отворено, а со тоа да ја подобриме животната средина и амбиентниот воздух. Но, и да им помогнеме на оние на кои помошта им е најпотребна – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Шилегов објасни дека Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ организира мешани тимови кои ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено.