„Нова“ ја поттикна љубовта кон биологијата поради која се запишав на реномираниот универзитет во Амстердам

Матурантот Алексеј Кубелка од меѓународното училиште „Нова“ во Скопје при изборот каде да го продолжи своето образование, аплицирал на повеќе престижни светски факултети на кои воедно и бил примен како UC Berkeley, Imperial College London и King's College. Сепак, реши своето образование да го продолжи на Vrije Universiteit Amsterdam, а пресудниот момент била искучително квалитетната и богата програма за областа за која е заинтересиран – биомедицината.

- Студиите по биомедицина на VU Amsterdam опфаќааат широк дијапазон на области од медицината и општата биологија, со што во иднина ми се отвораат многу врати за професионална надградба. Па така, моите магистерски студии би можел да ги насочам кон молекуларната биологија, кон биомедицинско инженерство, кон биотехнологијата или пак едноставно да станам доктор. Покрај со висококвалитетното образование, Vrije Universiteit Amsterdam ме привлече со своите најсовремени работни простории и целосно опремени лаборатории. Во февруари имав можност да го посетам факултетот, сместен во срцето на Амстердам и да се уверам дека станува збор за институцијата во која сакам да го продолжам својот пат. Беспрекорното функционирање и изгледот на универзитетскиот кампус ме оставија вчудовиден – вели Алексеј.

„Нова“ беше мојот отскок кон академските успеси

Фокусиран си на природните науки. Што конкретно во оваа област те привлекува и каде се гледаш во иднина во ова поле?

Мојата огромна љубов кон природата и емпириските науки датира од најраното детство. Додека бев во основно училиште, од сите предмети најдлабоко ја разбирав математиката. Низ годините сум го претставувал училиштето на голем број општински, регионални и државни натпревари по математика на кои честопати сум ги освојувал највисоките места. Меѓутоа, отсекогаш особено ме фасцинирал живиот свет, а за тоа тврдат безбројните часови поминати набљудувајќи и ловејќи најразлични животинки во секоја ситуација кога сум имал можност да ја напуштам урбаната скопска средина. Од моментот кога се запознав со биологијата како наука во седмо одделение, веднаш се вљубив во неа и почнав да го проширувам своето знаење преку учество на натпревари и квизови. Во гимназијата „Нова“, мојот интерес за биологијата експоненционално порасна. Иако професорите сметаа дека математиката е моја вистинска страст, јас се определив да изградам кариера во областа на клеточната биологија и генетиката. Оттаму, мојот најголем интерес и предизвик стана проучувањето на сите процеси што се случуваат на клеточно ниво, како и нивната комплексна регулација кодирана во човечката ДНК.

Средното училиште го заврши во „Нова“. Како тимот во ова училиште ти помогна да се запишеш на универзитот кој беше твој избор?

Гимназијата „Нова“ со својот стручен кадар за мене претставуваше отскок кон понатамошни академски успеси. Меѓутоа, постои еден дел од тимот на „Нова“ кој е исклучително заслужен за мојот избор на универзитет. Тоа се универзитетските советници кои значително им помагаат на матурантите во „Нова“ низ целиот сложен процес на аплицирање за студии во странство и ги посочуваат најсоодветните избори за факултет, врз база на интересите, карактерот и амбициите на ученикот. Во овој поглед, би истакнал дека нивните совети и поддршка неизмерно ми го олеснија вообичаено стресниот период на аплицирање и носење одлуки.

Професорите ме направија сестрана и слободоумна личност

Што би издвоил како најголеми придобивки од средношколските години минати во „Нова“?

Низ изминатите четири години, преку своите предавања сите професори во „Нова“ ми пренесоа бесценето знаење, но и имаа голем придонес во мојот развој како слободоумна, сестрана личност. Исто така би издвоил дека тие на секој свој ученик ги поставуваат темелите на високи морални и етички вредности, во како и надвор од училницата. Уште едно уникатно и незаборавно искуство од средношколските години претставуваа екскурзиите како дел од програмата „Недела без училишни ѕидови“. Имено, секоја година оваа програма им овозможува на учениците од прва до трета година да отидат на еднонеделна екскурзија со едукативни активности од различни сфери. Јас конкретно имав можност да ги посетам Москва, Загреб, Сараево, Дубровник, како и нуклеарната централа Кршко во Словенија. Сите патувања беа од неизмерно културолошко и социјално значење за мене. Конечно, гимназијата „Нова“ ми овозможи да учам по меѓународно признаената програма AP (Advanced Placement), која значително ме доближи до реализацијата на моите лични и академски афинитети.

Што придонесе за твојот успех и како се имаш надоградувано низ годините за да се подготвиш за научно-истражувачка работа?

Покрај училишните активности, постојано се трудам да акумулирам што повеќе знаење во областа на биологијата, главно преку пракси, семинари и проекти. Па така, летото 2018 година, мојата силна определеност да ја сфатам сложеноста на нашиот генетски код ми обезбеди пракса во една од најистакнатите научни институции во регионот - Истражувачкиот центар за генетско инжинерство и биотехнологија „Георги Д. Ефремов“ при Македонската академија на науките и уметностите. Во рок од две недели, имав можност да извршам екстракција на ДНК, PCR, гел електрофореза, автоматско секвенционирање, како и да помагам при пренатално дијагностичко тестирање. Друга значајна моја надградба во однос на природните науки беа седумте семинари по биологија во Истражувачкиот центар Петница, Србија на кои присуствував во текот на изминатите две години. Првите четири семинари беа составени од различни предавања на професори од Биолошкиот факултет при Универзитетот во Белград, како и вовед во фундаментални лабораториски техники. За време на последователните семинари, се посветив на изработка на научно-истражувачки проект, во кој ја истражував антимикробната активност на бактериоцини врз одредени патогени бактерии. Ова истражување беше од огромно значење за мене бидејќи ме научи дека лабораториската работа реално воопшто не е едноставна. Имено, сфатив дека тимската соработка и упорноста во надминување на практичните предизвици се суштински предуслови за успешен научник.

Не загубивме на квалитет со онлајн наставата 

Оваа година беше исклучително тешка за сите. Сосема ненадејно се случи светска пандемија. Дали тоа некако ги измени твоите планови?

На некој начин, сечии планови претрпеа несакани измени поради пандемијата. Неспорно е дека секој овогодишен матурант во себе носи едно горко чувство на оправдано разочарување. Сепак, целата ситуација влијаеше исклучително негативно на оние кои се пред важна животна одлука како што е изборот на студии и факултет. За среќа, мојот првичен план околу студирањето остана непроменет, што главно се заснова на фактот дека успеав да го посетам Амстердам и да се уверам во сопствената одлука пред почетокот на глобалната здравствена криза. Исто така ме радува тоа што Vrije Universiteit Amsterdam изјави дека е во целост подготвен да ја спроведе наставата за учебната 2020-2021, независно дали ќе се одвива класично или онлајн.

Последниве неколку месеци, часовите во „Нова“ се одвиваа онлајн. Колку си задоволен од тоа како се спроведуваа?

Одлуката наставата во гимназијата „Нова“ да се одвива онлајн морам од сѐ срце да ја поздравам. Лично сметам дека тоа беше најсоодветниот чекор кој можеше да се превземе како одговор за пандемијата. Во однос на самите часови, би напоменал дека тие го задржаа својот висок квалитет до самиот крај. Професорите, универзитетските советници и целокупната администрација на „Нова“ несомнено беа на нивото на задачата и навремено нѐ известуваа за секој нов развој на настаните. Сето ова кулминираше во успешна испитна недела што се однесува на подготвеноста на учениците.