Нов закон за државната администрација

Владата ќе го менува Законот за административни службеници. Предложените измени и дополнувања беа денеска прифатени од Владата и ќе бидат испратени на усвојување во Собранието во редовна постапка.

Измените, како што образложи заменик-министерот за информатичко општество и јавна администрација Александар Бајдовски, се однесуваат на делот вработување, унапредување на вработените и оценувањето.

Во делот на вработувањето ќе се укине испитот за проверка и психолошкиот текст кој, како што рече заменик-минситерот, претставува само товар и не претставува алатка за да се добијат квалитетни кадри.

Ќе се укине и потребата од приложување меѓународни сертификати за познавање на еден од трите странски јазици, бидејќи се утврдило од досегашната примена дека ги демотивира оние добри кандидати кои ги немаат да се пријават и да учествуваат на огласите.

Со измените Владата нема да се откаже од проверка на познавање странски јазик и во таа насока во наредните шест месеци заедно со образовните институции во државата ќе се направи прашалник и врз основа на тоа ќе се врши проверка на познавањето на јазикот. Кандидатите, пак кои ги имаат сертификатите, нема да подлежат на проверка.

Во делот на унапредувањето, предложените измени ќе дадат можност на вработените да прескокнат неколку скалила одеднаш, наместо како досега само едно погоре.

Тоа, како што рече Бајдовски, е од причина што има многу професионалци во администрацијата кои се долго време на иста позиција.

Измени се предвидени и кај оценувањето на вработените кое предвидува да се укине казната, но вработените ќе ја напушти работата доколку добие две негативни оценки едно по друго.

Бајдовски појасни дека наместо казни на вработениот кој при оценувањето ќе добие негативна оценка ќе има можност да ја подобри оценката до наредното оценување. Доколку повторно добие негативна оценка ќе мора да ја напушти администрацијата.

Со измените, според предлагачот, се упростуваат постапите за напредување и усовршување на вработените во државната администрација.