Нов топол бран со температури до 40 степени ќе ја зафати Македонија

Од задутре до сабота во поголем дел од Македонија максималната температура ќе надмине 35, а вдолж Повардарието и 40 степени. Во четврток ќе дува засилен југозападен ветер.

Најавеното многу топло време со натпросечни температури на воздухот во наредните денови, информира денеска Управата за хидрометеоролошки работи, ќе биде поради изразено југозападно воздушно струење и прилив на многу топла воздушна маса.

Во недела попладне и во текот на ноќта кон понеделник, поради продор на влажна и посвежа воздушна маса од север, ќе има врнежи од дожд и грмежи. Од понеделник дневната температура значително ќе опадне, за повеќе од 10 степени во однос на претходните денови, соопшти УХМР.