НОВ ПРОЕКТ: Вратете се на село, ќе добиете земјиште и 15.000 денари месечно

Заинтересираните граѓани кои сакаат да започнат живот и земјоделска дејност во селата ќе бидат потпомогнати со сериозен сет на мерки на поддршка од државата. Бенефитите кои им се нудат на заинтересираните граѓани со овој проект се:

» субвенционирање на трошокот за купување или реновирање или градба на куќа до најмногу 6.000 евра,

» доделување на еднократна месечна парична помош за почеток за прилагодување кон животот на село во висина од 15.000 денари месечно во тек од 18 месеци или вкупно 270 илјади денари,

 » можност за користење на поддршката за 60% државно кофинансирање на различни типови на земјоделски инвестиции, како механизација, опрема, трактори, основно стадо, насад и сл.,

» задолжителни обуки за претприемништво, започнување и водење сопствен бизнис, како и специјализирани бизнис обуки за земјоделство, » лицата кои ќе се занимаваат со полјоделство ќе добијат бесплатно користење на државно земјоделско земјиште до 3 хектари и можност за обезбедување на поголеми површини по поволни услови, како и 80% државно кофинансирање за инсталирање на системи за наводнување „капка по капка“,

 » лицата кои ќе се занимаваат со сточарство ќе добијат бесплатна концесија за пасишта, и тоа до 5 хектари за крупен добиток и 10 хектари за ситен добиток, како и можност за користење на мерката за 80% поддршка од државата за набавка на високо приносен добиток, и тоа до 10 милиони денари по корисник.

Право на користење на поддршката ќе имаат лица кои претходно мигрирале од село кон град и се уште имаат имот на село или такви кои не го задржале имотот, како и невработени лица од град или пак вработени, но со многу ниски примања на целото семејството кои не ја надминуваат просечната бруто плата. Корисниците на проектот се брачни парови, каде постариот партнер е на возраст најмногу до 45 години, а предност ќе имаат оние што се со повеќедетни семејства.

Корисниците на помошта треба да имаат конкретна бизнис идеја за самовработување и која има потенцијал да генерира нови работни места, како и да се преселуваат во село со не повеќе од 500 жители.

Учесниците во проектот се обврзуваат да живеат најмалку 15 години на село по започнување на користење на условите од проектот, а имотот обезбеден со поддршката нема да смее да се отуѓи, ниту пак неговата почетна вредност да се намали во период од 10 години. Со буџет: 1.000.000 евра годишно, овој проект е превиден во новта програма на ВМРО-ДПМНЕ.